Македонскиот идентитет не е загрозен и како најемотивната тема за граѓаните, власта и опозицијата го злоупотребуваат заради популистички потреби да шират евроскептицизам затоа што искрено не се заинтересирани да почнат преговори со ЕУ, тврди политичкиот аналитичар, Никица Корубин во интервју за порталот zoom.mk.
„Идентитетот освен нас самите не може никој да го загрози, никој, апсолутно. Идентитетот е најемотивна тема, која можете да ја користите за свои популистички потреби, за да ја користите како параван. Она што не сакам да го правам, а морам да го правам, ќе се скријам позади идентитетот“, оценува Корубин и додава дека кога политичарите велат „не по цена на идентитет“, тоа значи дека го дефинирале идентитетот кој е сложена појава и има одредена цена.
Корубин тврди Бугарија не го загрозува македонскиот идентитет освен ако под идентитет политичарите не подразбираат конкретен историски наратив напишан од времето на Југославија.
„Кога кажуваат не по цена на идентитет, токму тоа подразбират. Тоа е историски наратив, тоа не е историјата. Тоа е историографијата или историјата која е напишана во поранешна Југославија. Кога ќе кажат не по цена на идентитетот, мислам не по цена на наративот кој е создаден за време на Југославија, приказната која ние ја знаеме за себе, друг ја напишал за нас ама ние сме ја прифатиле, и никако не смееме да ја преиспитаме“, истакнува Корубин.
Таа смета дека проблематизирањето на македонскиот идентитет од страна на македонските политичари и одбивањето на да се внесат Бугарите во уставот се обид да се спречи или забави интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ.
„Ние не сакаме да биде дел од Европската унија, не ние граѓаните, туку политичките партии и носителите на јавни функциии. Уставните измени не траат долго туку максимално три месеци. Велат нема проблем, ама да го отегнеме ако може. Сакаме да бидеме членка на ЕУ, ама да го задржиме статус кво ситуацијата, да бидеме вечни кандидати “, уверува Корубин додавајќи дека завршувањето на скринингот значи сериозни реформи и нема да има време за глумење.