Никица Корубин, поранешна пратеничка и аналитичар, со статус на фејсбук ја критикува одлуката на уставниот суд во однос на Законот за јазиците.
Само-делегитимирањето на уставните судии да го заштитат уставно загарантираното право на употребата на албанскиот јазик, како службен јазик, преку “барање помош од странски експерти” е всушност најголемата политизација на уставниот суд, која тие гласно ја префрлаа кон другите. Па, ако тие самите не се уверени во сопствената стручност и непристрасност, зошто граѓаните би биле уверени во нивната?
Оваа добро позната тактика, “на купување на време” сеприсутна во политичкиот живот, се прелеа и на институциите. Кои се всушност и системот на една држава, а последователно функционалност на едно општество. И само ја продолжија, наместо да ја скратат, агонијата на заблудата со која систематски се храни ова општество. Агонијата на уште една замрзната, темпирана статус-кво ситуација.
И стои на врвот на наменските “фобии и стравови”. (Дис)квалификуван и сатанизиран, како една од најголемите опасности за Македонците и нивниот (вечен) страв од “другите” од него направи врвно страшило. И не е само стравот Албанците да говорот на сопствениот јазик, поголемиот страв е Македонците да го разбираат албанскиот јазик. И затоа тие никогаш и не смеат да го научат албанскиот јазик.
А, нели “јазикот наш насушен” е сржта на идентитетот, па како тогаш нашиот етнички идентитет е клучен, а другиот е непожелен? Оваа опасна релативизација, освен што на површина ја вади манипулацијата (и со македонскиот и со албанскиот јазик), уште повеќе го открива класичниот шовинизам и чувство на супериорност. Изворно не-македонски, ама ефективно токму македонски. Правејќи од Македонците “џелати”, наместо “жртви” и на себе и на другите.
Кога веќе “франкофонската” Северна Македонија, отсуствуваше од најголемиот културен и цивилизациски настан, лекцијата за реставрација и конзервација на Нотр Дам (Notre Dame), кога веќе францускиот исчезнува пред налетот на англискиот и германскиот јазик; зошто е толку голем тој “грев” да се знае и албанскиот јазик? Таман ќе најде примена, при “слободното движење на стоки и луѓе” во Отворен Балкан.
И затоа е потребно тоа статус-кво, политичко, институционално и пред се’ ментално. Заробена и затворена свест живее во заблуда, а не во реалност. И наместо нашите лингвисти да предложат воведување и на албанскиот јазик во основните училишта за сите, тие во (пост)југословенски супремациски манир, говорат за ексклузивитетот на македонскиот јазик. Па, токму на тој начин и со меѓусебно почитување, вреднување и говорење, ќе се постигне и најголемата заштита на јазикот. На граѓанска држава со граѓански устав и со заштитена етничка припадност, кои уставните судии, одбиваат да ја бранат на јасен и недвосмислен начин.