Политичкиот аналитичар Никица Корубин во интервју за порталот zoom.mk тврди дека во сите политички партии од власта и опозицијата има антиевропски фракции. Корубин сметa дека антиевропски сили нема само во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, туку и во владините СДСМ и ДУИ.
„Проевропски и антиевропски сили има не само во ВМРО-ДПМНЕ, туку вклучително и во СДСМ и ДУИ. Имате јасни антиевропски изјави од помали коалициони партнери на власта. Тоа и веќе не се крие“, вели Корубин.
Таа е зачудена што антиевропски наративи во изминатиот период ширеле и интелектуалци, аналитичари, медиуми и претставници на невладини организации што се занимаваат со европски прашања.
„Тие познавачи на европските политики беа најгласни, дека нас ЕУ не ни треба. Тоа е страшна манипулација што се правеше со македонските граѓани. Одговорност имаме сите, а владата не најде начин да и објасни на јавноста која е постапката и процедурата за членство во ЕУ, а медиумите ширеа лаги и манипулации“, вели Корубин.
Според неа, фракционерството во партиите е смислен процес за попречување на македонските евроинтеграции, но убедена е дека тие обиди се јалови за купување време затоа што скринингот ќе заврши и обврските треба да се исполнат.