Екипата на МЗТ Скопје Аеродром ќе биде драстично ослабена на претстојниот „балон“ од АБА2-лигата на Златибор, со оглед што во последен момент од тимот отпаднаа дури тројца кошаркари и двајца од стручниот штаб, што дефинитивно ќе биде голема отежителна околност пред последните три средби од регуларниот дел од сезоната.

Екипата во соседна Србија отпатува без Американците Феми Олуџоби и Хасани Гравет, кои се посериозно повредени и без кои тимот може да остане подолго време.

Во Скопје остана и Андреј Магдевски, кому денеска му завршува периодот на изолација по прележаниот коронавирус, поради кој ги пропушти последните средби како и голем број тренинзи. Репрезентативниот бек во договор со тренерот Дарко Радуловиќ договори дека е подобро да не се ризикува, односно дека е покорисно да го искористи следниот период за опоравување со цел кобниот вирус да не остави белег по неговото здравје.

На пат кон Златибор не тргнаат ниту новите членови на стручниот штаб, Васко Атанасов и Михајло Шејкеровски, кој ќе ја има улогата на кондициски тренер, кои исто така беа позитивни на последната проверка за Ковид-19 пред тргнувањето кон Србија.

Поради сето ова, МЗТ Скопје Аеродром на средбите против Спарс (вечерва од 21 часот), Горица (четврток) и Златибор (недела) ќе настапи со девет кошаркари во ростерот.