Значително се зголеми бројот на граѓани кои бараат помош во психијатриските амбуланти, а делл од граѓаните имаат потреба од психолошка поддршка поради нивната зголемена вознемиреност, страв, загриженост, напнатост, несигурност и нарушен сон поврзани со семеен член заболен од Ковид-19 или пак непредвидливоста на актуелната ситуација, вели д-р Стојан Бајрактаров во разговор за МИА.
Главно се работи за различни манифестации на анксиозност или влошување на состојби со кои претходно се соочувале. Родителите, пак, најчесто се загрижени за зголемена вознемиреност кај нивните деца, проблеми во нивното однесување и имаат потреба од совет за тоа како подобро би можеле да пристапат кон нив – вели директорот на Универзитетската клиника за психијатрија, Стојан Бајрактаров.
За да си го олесниме овој период, д-р Бајрактаров препорачува да се следат и да се споделуваат информации од релевантни извори, да се ограничи пристапот до социјалните медиуми кои може да ја зголемат вознемиреноста, да се споделуваат проблемите со блиските и да се обидеме заедно да изнајдеме решенија за некои од проблемите.
Телефонските линии за психолошка поддршка кои ги отвори Универзитетската клиника за психијатрија биле многу зафатени во почетокот на пандемијата, како и во текот на есенскиот бран.
Во последниот период е намален бројот на јавувања, но значително се зголеми бројот на лицата кои бараат помош во нашите амбуланти. Вкупно досега имаше околу 5.000 јавувања на овие линии – вели Бајрактаров.
Универзитетската клиника за психијатрија нуди психолошка поддршка за родители на деца и млади, мајки и жени во бременост, како и возрасни лица во самоизолација или оние загрижени за себе и некој близок. Граѓаните имаат потреба од поддршка поради зголемена вознемиреност, страв, загриженост, напнатост, несигурност и нарушен сон поврзани со заболен семеен член или пак непредвидливоста на актуелната ситуација.
Сепак, вели Бајрактаров засега се ретки повиците поврзани со претстојната вакцинација, но тие се тука доколку некој граѓанин чувствува вознемиреност за периодот што следува.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.