Кореографката проф. д-р  Искра Шукарова од 27 јули до 7 август е поканета на уметничка резиденција во Њујорк и Вајлд Харт во САД.

-Уметничката резиденција започнува во Њујорк за потоа да продолжи со престојот во прекрасната природа во Вајлд Харт (Њујорк) каде ќе се испитуваат теми поврзани со екологијата, движењето и природата. Темите кои ќе се обработуваат како дел од истражувачкиот процес допираат длабоко во суштината за тоа како се однесуваме и соработуваме со природата, истакнува Шукарова.

Таа, исто така, ќе им предава на студенти за нови пристапи во современиот танц, а во рамки на престојот,  на 4 и 5 август, во Њујорк во Movement Research NYC  Шукарова ќе одржи предавање за современи танчари.

Резиденцијата е организирана од Петер Шишиоли, нејзин колега и асистент на Меридит Монк. Престојот е поддржан од мрежата Global Practice Sharing како дел од Movement Research NYC и фондот Trust for Mutual Understanding. Шукарова е дел од две релевантни танцови мрежи од САД – IIAC и Global Practice Network.