Иако сите знаат колку се корисни коренестите зеленчуци, сепак јадењето во сурова состојба не е омилено кај многумина. Затоа пробајте да ги маринирате, начин на подготовка кој е сосема различен од конзервирањето, а притоа е превкусно и ќе ги привлече и најпребирливите.
Мариниран морков – овој зеленчук најмногу се користи кај нас, а се маринира во маринада од маслиново масло, оцет, сол, шеќер и црн пипер. Добро е морковите да ги сварите во вода, оцет и сол, да омекнат, па потоа да ги маринирате. Можете да подготвите коктел-моркови, кои претходно треба да се потопат во маринада од соја сос, сок од лимон, сол и малку вода. Излупените моркови исечете ги на парчиња, прелејте ги со маринада и нека стојат еден час. Сервирајте ги во чаша со малку течност од маринадата.
Марнирано цвекло – може да се маринира во смеса од оцет, шеќер и сол. За 500 г цвекло потребни се 100 мл оцет, 50 г шеќер и 50 г сол. Цвеклото треба да се свари, излупи и да се исече на кругови или коцки, па да се нареди во тегли. Се прелева со маринадата и по 24 часа на ладно може да се консумира.
Мариниран целер – во тенџере ставете малку вода, маслиново масло, сок од лимон, бел бибер, мајчина душичка и листови свеж целер, зачинете со сол по вкус. Измешајте и додајте ги главиците од целер излупени и сечени по должина. Оставете да проврие и варете околу 10 минути додека впие од зачините. Кога ќе се излади, нека стои 24 часа во фрижидер, пред да го консумирате.