Емилија ЦЕЛАКОСКА
Маестрата на научно-фантастичните романи Урсула Ле Гвин, воедно е автор и на прекрасни луцидни есеи за значењата на работите, од секојдневното живеење, до моќта на имагинацијата, на свеста, на комуникацијата… Во делото „Бранот во умот“ (“The Wave in the Mind”), во поглавјето „Да се кажува значи да се слуша“ (“Telling Is Listening”), таа, сакајќи да ни го приближи значењето на поимот „интерсубјективност“ во комуникацијата меѓу две човечки свести (како повеќе од интерактивност, оти тоа може и со машина), предлага, за метафора, да ги погледнеме амебите при нивното размножување. Метафората е потребна, бидејќи за операцијата на интерсубјективност на свеста нема паралела во остатокот од вселената.
Амебите се проста форма на живот за која знаеме дека се размножува со проста делба – од една, се добиваат две идентични амеби со ист генетски материјал. Но, амебите, на некој начин, научиле дека не е баш добро за опстанокот да бидат толку „чистокрвни“, па понекогаш барем две возрасни амеби се стопуваат за да си ги разменат новите еволутивни модификации. Процесот под микроскоп изгледа како да си подаваат рака, мост меѓу себе, низ кој тече взаемната размена. Тој генетски материјал, всушност и самиот не останува „чист“ освен на самиот почеток на размената, туку напред-назад повеќе пати, генерира нова информација со која понатаму се формира новиот, подобро адаптиран живот. Всушност, овој принцип е распространет во живиот свет, па сѐ повисоката комплекност не останува само на генетиката.
Зборувањето и слушањето како единствен процес, по правило, треба да ја следи истата динамика: Праќаме дел од нашата свест кон соговорникот, а тој ја прима и одговара со (испраќа) дел од својата свест. Интерсубјективноста на комуникацијата, во ваква смисла – како внатрешна намера за договорност, за споделувачка ориентираност меѓу примањето и праќањето дел од свеста, сѐ посилно се бара од човештвото, со сѐ повисоки критериуми за тој процес, бидејќи опстанокот е во развојот (а развојот, очигледно, е повеќе од човечките прениски критериуми за „адаптација“). Човештвото сѐ уште не успева да ги исполни доволно добро, иако од самите почетоци на комуникацијата интерсубјективноста постоела ( според социјалниот конструкционизам). Имено, во поголемиот дел од историјата на човештвото, луѓето биле претежно – или нерамномерно многу слушачи, или нерамномерно многу зборувачи, при што договорноста, споделувачката намера, многу пати изостанувала. Но, повисокиот развој на цивилизацијата низ својата, речиси, невронска испреплетеност, бара сѐ поголема исправност во овој однос, затоа што грешките во примопредавањето на деловите од свеста веќе стануваат загрозувачки.
Може да се каже, дури, дека интерсубјективноста во комуникацијата е основа на писменоста, а како што е познато, пописмените општества се помоќни од понеписмените. Ефективното примање на информации овозможува нивно подобро „рекомбинирање“ и користење за разни практични цели, од каде што и произлегува моќта. Тука спаѓаат и делата од науката и нејзиното преточување во пракса (индустрија, технологија….), но и зајакнувањето на процесот на надградување на свеста преку уметничката „размена“ од овој вид. Всушност, практичната манифестација на моќта, на супериорноста, е во моментот на конкретното примопредавање на новата информација и на што повеќе свести (личности). Затоа, сѐ поголемата испреплетеност (информациска комплексност) последниве 2-3 века, а особено денес, бара претежно на писмен начин да се пренесуваат доволно широко поголеми количини од информација, со што се манифестира супериорноста на рекомбинираното Ново – низ читање и пишување.
Овие две впарени својства на широк пренос и количина на информација се злоупотребуваат од страна на поновите пропагандни техники за штетни цели, најпрво со фронтален ефект на креирање привид за супериорност, како божем да се работи за крајната фаза на манифестирањето на некое рекомбинирано Ново (а го нема, или полошо од тоа) кога се зборува, односно се пренесува „информација“. Лажната вест, дезинформацијата, мисинформацијата итн., да забележиме, се интерактивни при преносот машина-човек и човек-машина, но се злоупотреба на процесот на интерсубјективноста што ќе ја пронајдете, на пример, при читањето на делата на големите умови – еве, преку книгава на Ле Гвин, или на Арент, итн. – или, уште повеќе, во кореспонденцијата меѓу истражувачите, на пример. Целта на пропагандните техники е да ги отстранат врзивните елементи на резонирањето (цврстата логика) низ кое дискриминаторно се раѓа Новото (или се потврдува стариот квалитет). Имено, со фалшлив логички апарат, рекомбинирањето на информациите прави информациско ѓубре во свеста, некомпатибилно со животот, па соодветно добивате депресивна бесмисла, а не нешто ново, корисно или, евентуално да потврдите некој стандард. Пропагандните техники користат имитација на интерсубјективната комуникација за споделување на комплексна информација, така што масовно ја поплавуваат свеста со софистички недоследности. Најчесто – неформални, од тип на генерализирачките статистички силогизми погодни за автократи, а се осмелуваат и за формални фалшливости – најчесто, претопување на контрапозиција (модус толенс) во инверзија (негирање на претпоставката за да се негира последицата).
Со сервирани „заклучоци“ од логичко ѓубре – ја стимулираат нељубопитноста. Уште повеќе, љубопитноста потребна за процесот на интерсубјективното споделување, во писмената форма се потрошува во мал број ретчиња „статус“ на социјалните мрежи. Од друга страна, пак, намерата за ѓубреџиско силогизирање тежнее кон подолги емитувања на говорниот збор. Со пократкото писмено и воедно подолгото говорно изразување се ограничува цивилизациското ниво на ниво пред писменоста, заедно со аверзијата кон комплексна информација, што создава „тампон за уши“ и следствено, оневозможување на свесна интерсубјективна комуникација. Последново е и дополнителен бонус за нарачателот на пропагандата доколку е авторитарен тип: На овој начин максимално диференцира која страна е предавател на информација, со што имитира супериорна страна (божем е манифестирач на некое рекомбинирано Ново), а која од нив е инфериорна – примачка, слушателска страна. Се бетонира инфериорноста на примателот наместо да се сподели моќта во нормалниот свесен процес, бидејќи материјалот за „размена“ е наменет за манипулација. На пример, изборно-кампањските (често, читани) говори најчесто го немаат интерсубјективното својство и ја имаат таа празна (или манипулативна), божем-супериорна „предавателска“ црта, но предавањата на конференции или во училница – најчесто го имаат интерсубјективното својство и со тоа, взаемната споделеност на моќта на информацијата.
Недоследно изведената од ништо или од инфо-ѓубре „супериорност на предавателот“ на квази-експерти, водители и други тековни и бивши незнајковци за конкретна проблематика во медиумите, автоматски станува догматска, бидејќи во квази-супериорната заземена поза не дава образложенија и не остава преиспитувања или критика. Така се добива згодна алатка за управување од страна на авторитарниот нарачател на пропагандата, кој е спремен само со мала клика да ја споделува добиената моќ – не универзално, бидејќи нема автентична супериорност. А супериорноста вистински ја нема, да се вратиме наназад, затоа што е намерен растурач на интерсубјективноста во комуникацијата – и преку намалување на комплексноста на информацијата, и со форсирање на екстензивно говорење наместо обратно, кон писменоста (со овие две го намалува отпорот на примателската страна), и со форсирање догма на емитерската страна, за да емитира информациско ѓубре. Примателот прво се „омекнува“ во маринадата од првите две дејства, а потоа се полни, како мисирка.
Нарачателот (или одобрувачот) и извршителот (или „предавателот“ на загаденост на резонот), како гладни за моќ и контрола, се самите грешка/проблем во системот, кои, доколку резонот и соработката во решавање проблеми би се негувала, би се искорениле од системот уште од долу, како плевел, низ вистинската професионалност на медиумите.
Нарачателот (или одобрувачот) и извршителот (или „предавателот“ на загаденост на резонот), како гладни за моќ и контрола, се самите грешка/проблем во системот, кои, доколку резонот и соработката во решавање проблеми би се негувала, би се искорениле од системот уште од долу, како плевел, низ вистинската професионалност на медиумите. И обратно, непрофесионалното однесување на медиумот дозволува ваква неисправност и загадување на резонот. За Канал 5, на пример, стана вистина дека е црвливо јаболко затоа што беше доволно едно црвче да излезе на виделина (национализам), а одобрувањето на црвливоста, пак, од шефот на ВМРО-ДПМНЕ е квазисупериорен потег на манипулативна подлога. Тој се однесува како црвливоста да е генеричкото својство за професионалност на добрите (професионални) „јаболка“, што е типична фалшливост на резонирањето: Неформално, со фалш генерализација на поимот „професионално“, а формално, преку афирмирање на последицата за да стигне до претпоставката „Пингвинот е птица, па затоа лета“. Односно, сервирано е информациско ѓубре.
Понатаму, стремежот на штетната пропаганда е преносот на знаење од практичар или експерт, особено кога говорно ја презентира крајната фаза на рекомбинираното Ново (или констатира стар квалитет) без претходниот долг процес на резонирање, во формат на телевизиско интервју или дебата, е да не започне процесот на интерсубјективното споделување на свест, туку да се застане на тоа дека тоа е само „нечие мислење“. Како такво, уште на лице место се етикетира, скриено или отворено погрдно во непрофесионално изведените интервјуа/дебати (колку и да се колнат дека се професионални заради звањето). Со тоа, се позајмува моќ од конзервативното идеолошко јадро – отпорот кон промена, а во случајов, промена на „мислењето“. Со тоа ѝ се враќа услугата на конзервативноста – двојно, а истата се јакне и во други аспекти, особено во разните некритички отпори, на пример, кон бенигното носење медицинска маска во период на епидемија, за НАТО или за други типови на заштита – претварајќи ги во некаков срам (конзервативно!) или чукање в гради – пак конзервативно, често и националистички, расно, или поинаку дискриминаторски, како гранка на конзервативното зачувување на социјалниот конструкт каде што се нашле припадни. Така, отпорот кон промена на „мислењето“, пропагандниот медиум го зацврстува во самоповикувачки, маѓепсан круг и така прави нов, спротивен потсистем, како обратен запчаник во системот.
Напорот на разбивањето на тој круг е точно истиот напор од едукацијата: На кој начин личноста да се оспособи да го користи правилното резонирање. И не само да се оспособи, туку да се пробуди во неа инстинктот дека од нејзин највисок интерес е да резонира правилно за да го осигура опстанокот на колективот, развојот и евентуално да произведе нов, оригинален квалитет во него. Едукацијата (и тестирањата, секако, кои подоцна треба да станат самотестирања) е патеката за будење на искрата, намерата за нормално интерсубјективно споделување на својата свест и рекомбинирање со друга квалитетна свест. Притоа личноста сѐ побрзо ќе проценува извитопереност во процесот и со тоа нема да зема манипулативна подлога и нема да ги обработува информациите со фалширања на резонот, бидејќи знае дека добива штета за други, а таа штета сигурно ќе ентропира до него самиот. Тоа подразбира намера за соработка, но и препознавање на загадена супстанца како лажни вести, дезинформации и други фалшливи алатки на пропагандата. Тоа е квалитетот на цивилизираноста. Затоа и за поздрав се сите едукативни напори во оваа област, а за осуда се сите анти-едукативни „мислења“ од долгите емисии со квазиексперти.
Пропагандата ги зајакнува начините од претписменоста, т.е. ниското цивилизациско ниво, за да го разбие општественото тело на единки кои не резонираат. Во својата разбиеност, тие не соработуваат на проблематиката која од нив бара интерсубјективност. Во нашево општество, тоа се примарно националистите, кои живеат во базен од неповрзани догми и даваат отпор на промени, конзервативно и некритично. Некој ќе рече – како тоа – разбиеност, па националистите се држат многу цврсто. Всушност, националистите прават замени за интерсубјективна соработка преку ознаки, симболи, фамилијарности и слични врски кои ги остваруваат на нивото на претписменоста, што немаат врска со никаво интерсубјективно споделување за проблематиката „македонско националноединство“ врз која го создале, на пример, ВМРО-ДПМНЕ како ентитет. Слични врски одржуваат и со личности и од неконзервативното граѓанско тело, но никогаш за проблематиката која ја бара нивната интерсубјективна соработка, бидејќи си ја земаат за догма. Нивната „цврстина“ се состои од само налицкани врски на сосем друга основа. Во проширување на метафората на Урсула Ле Гвин, национализмот, со претераното „зачувување“ (конзервирање) и налицкана „цврстина“, односно со претераното „чистунство“, би направил од организмот – мртов камен, фосил, неспособен за мостови, соработка, прифаќање на различностите, рекомбинирање за подобрување, адаптација, развој.
Со отстранувањето на националистите од општествената сцена со своите претписмени „принципи“, комплетно неконгруетни со европската благородна идеја, би се создала подлога за воспоставување на повисока цивилизациска вмреженост на македонското општество, низ стандардите на ЕУ. Кој тоа не гледа, значи е или опиен, или слеп од национализам како од евтин алкохол (Daniel Fried – со искуство на Балканот), ама како и евтиниот алкохол, национализмот убива.
Тестот на ЕУ за ова наше општество е точно тоа: Дали ќе излеземе од базенот на неповрзани догми и неписмени теории на заговори на ВМРО-ДПМНЕ? Очигледно, не се бара од нас „сами да направиме сѐ“ па да станеме дел од ЕУ како што е последното намерно заблудување на ДПМНЕ-овската пропаганда. Туку, сосем доволно е баналното додавање кон крајот на листата на едно мало малцинство. „Прво да се средиме сами“ – манипулацијата, е во директна спротивност со несредувањето САМИ ни на тој едноставен мал услов, па ќе сме ги правеле сите силни реформи – со нив! Со отстранувањето на националистите од општествената сцена со своите претписмени „принципи“, комплетно неконгруетни со европската благородна идеја, би се создала подлога за воспоставување на повисока цивилизациска вмреженост на македонското општество, низ стандардите на ЕУ. Кој тоа не гледа, значи е или опиен, или слеп од национализам како од евтин алкохол (Daniel Fried – со искуство на Балканот), ама како и евтиниот алкохол, национализмот убива.
Превземено од Рацин.мк