Пишува: МИРЈАНА МАЛЕСКА
На почеток би кажала нешто општо за користење на симболите во мултиетнички заедници, во контекст на актуелните драматични меѓународни односи. Ќе го цитирам Генералниот секретар на Светската здравствена организација: “Во болницата „Ал Акса“ владее тотален масакр, луѓе и деца умираат чекајќи помош”.
Ние што живееме под чадорот на НАТО во мир; имаме струја, вода и храна, се однесуваме прилично себично и бесчуствително кон потенцијалните опасности, на кои може да биде изложена нашата држава. Нели е крајно неодговорно, да ја провоцираме чувствителната етничка состојба заради изборна добивка, или од кои било други причини?
Од сè она што ни се случуваше во минатите триесетина години, како бруталното распаѓање на југословенската федерација и воениот конфликт во 2001, како да сме научиле само едно: дека националистичкиот наратив носи изборни гласови. Тоа го покажаат сите претходни изборни циклуси.
Затоа, склона сум да верувам дека поставувањето на крстот, токму сега и токму таму, е исто така провокација пред претстојните избори. Кога има етнички немири, граѓаните се чувствуваат несигурни. Најчесто, нивната спонтана реакција е да се приберат во своето “стадо”, за што се грижат водствата на етничките партии. Тие се претставуваат како “спасители” на својата етничка заедница, ама ја доведуваат во прашање безбедноста и стабилноста на државата. Тоа е многу опасна “игра”, која се вика: да се дојде и остане на власт – по секоја цена.
Каква е улогата на симболите како крстот?
Етничките заедници полагаат право на престиж и доминација преку официјално истакнување на симболите, како што се знамиња, написи, јазик и верски симболи. Така, политиката станува, меѓу другото, ритуал во кој се определува статусот на групата. На пример, ако подигнеш џамија на Шар Планина, даваш до знаење на сите дека е тоа “твоја територија” и ти тука ги одредуваш “правилата на игра”.
Истото е и со подигање на крстови. Тоа, се разбира, не може да биде така, ако во државата постои закон и се применува на сите подеднакво.
Симболизмот е ефективен во групните конфликти во мултиетнички држави, бидејќи барањата на заедниците се камуфлирани зад навидум безопасни идеи и асоцијации. На пример, поставување џамии или крстови се оправдува со верски слободи итн.
Не можам да бидам сигурна дали зад црквата, во овој конкретен случај, стои некоја политичка партија, меѓутоа, не може ваква институција да не го познава политичкиот контекст и правилата на општина Тетово за подигање на градба, како 15-метарскиот крст. Прочитав некаде изјава, дека ако може да се подига бесправно џамија на државно земјиште, може и крст на црковно земјиште.
Тука е основниот проблем: нема култура на почитување на закон, а општинските власти се неспособни, неефикасни, или не сакаат да ги спроведуваат законите. Во момент кога општинскиот совет ќе донесе одлука да се урнат околу 3000 дивоградби, меѓу кои и крстот, настанува хаос, бидејќи многу лични и групни интереси на моќни луѓе се засегнати.
Тогаш, најлесно е да го извадиш крстот од контекст на решавање на дивоградбите и да направиш политички проблем. Да зборуваш дека со тоа се нарушуваат верските права и слободи на Македонците и, на таа основа, да извадиш стотици граѓани на улица, на протест. Да ги раскараш Тетовчани.
Тоа е жално, бидејќи меѓуетничката доверба споро се гради а лесно се губи, доколку не проработи разумот. Има индикации дека сепак не сме дотаму бесчуствителни: црквата најави одбрана на своите права со правни средства, смирувајќи ја ситуацијата. Се надевам дека тоа ќе го направат и водствата на сите политички партии во Тетово.
(авторката е универзитетски професор по политички науки)
Превземено од ИМА