Министерството за надворешни работи денеска упати реакција по повод, како што велат, вестите објавени со нецелосни информации поврзани со испраќањето на дипломати во Дипломатско – конзуларните претставништва.
„Со оглед дека се работи за информации од доверлив карактер, дозволете да информираме дека Република Северна Македонија во моментов има Генерален конзул во Њујорк, Јордан Панев, кој е дипломат од кариера, и кој е избран согласно сите законски прописи“, велат од МНР.
Од таму додаваат дека во моментов тој е на половина од својот мандат и засега не се предвидува негова предвремена замена.
Ваквата реакција на Министерството следува по бурната реакција на јавноста по информациите дека ТВ презентерката Бесмира Ејупи е преложена за нов генерален конзул на Македонија во Њујорк.
Сепак, во нивната реакција нема ниту еден збор за тоа дали на затворена седница на Владата пред два дена презентерката Бесмира Ејупи била предложена за конзул. Како што објавивме пред два дена, Бесмира Ејупи била предложена од страна на министерот за надворешни работи Бујар Османи на затворена седница на Владата, одржана во понеделникот. Поради немање безбедносни сертификати замениците министри и портпаролите на Владата не присуствувале на оваа седница. Останатите министри молчеле за предлогот на Османи, бидејќи името на Бесмира Ејупи е тотално анонимно, односно воопшто не е дипломат, ниту има такво искуство, ниту образование, затоа поглемиот дел од министрите биле зачудени.