Компанијата „ВЕВЕ Груп“ ја тужи државата-Министерството за финансии. Во тужбата поднесена до Граѓанскиот суд се наведени сите причини и докази, приложувајќи ги и материјалните докази врз чија основа „ВЕВЕ Груп“ и Алсат М, тврдат дека извршната постапка, со кој е загрозен дел од имотот е спротивна на законот и е како последица на институционален пропуст.
Кон тужбата е приложено барањето за привремена мерка против извршната постапка која беше одбиена со решение на Апелациониот суд на 28 април 2022 година.
„Привремената мерка останува во сила 15 дена, по правосилноста на судската одлука (последен степен)“, стои во тужбата.
Тужбата доаѓа неколку дена откако институциите се покажаа како неажурни да спречат напад врз слободни медиуми и домашен инвеститор. По примерот на Владата, која избра да молчи, повикувајќи се на владеење на правото, истото го направи и Министерството за финансии и другите институции. Премиерот Димитар Ковачевски, иако рече дека е темелно информиран за случајот, не откри што конкретно ќе преземе Владата за да се елиминира можноста за нанесување штета кон еден независен медиум.
Агенцијата за катастар поднесе обвинение до судот, а државниот правобранител го обвини Министерството за финансии. Опозициските политички партии го оценија како напад и уцена ,додека за фактичката состојба беа известени и странските дипломатски претставништва во земјава. Да потсетиме дека дел од имотот на телевизија Алсат се најде во судски спор поради хипотека која датира од 1993 година, која не била евидентирана во ниту еден имотен лист се до 2013 година, а имотот беше купен во 2006 година.
Во 2016 година Алсат го доби судскиот процес, а Граѓанскиот суд донесе одлука во полза на Алсат телевизија во март годинава. Еден месец подоцна, на 28 април, Апелациониот суд ја укина времената мерка и на извршителот и на Министерството за финансии им дозволи да го стават на продажба имотот. За ваквата одлука, компанијата која раководи со Алсат телевизија, „ВеВе Груп“ оценува дека е донесена како резултат на политички притисок.