На стопанството му недостасуваат кеш пари како никогаш досега. Бизнисмените се загрижени дека недостатокот на државна помош и недостаокот на вакцини во земјава, ќе резултира со зголем број на компании кои ќе прогласат банкрот во периодот што следува.
„Ситуацијата во стопанството е крајно алармантна и очајна. Многу компании се на работ на егзистенцијата, само во 2020 година има околу три илјади ликвидирани компании, а во февруари официјалните податоци велат дека има 18 илјади нови невработени лица кои се под Агенцијата за вработување“, изјави Александра Андреева Сојуз на стопанска комора.
– Advertisement –
Од почетокот на пандемијата, од Развојната банка компаниите подигнале нешто над четири илјади бескаматни кредити. Вредноста на средствата кои биле вбризгани во стопанството изнесува 44,5 милиони евра. Од Банката за Алсат велат дека овие кредитни линии беа и се наменети за најпогодените, за малите и микро претпријатија. Податоците велат дека над 50 отсто од компаниите кои аплицирале за бескаматен кредит, го добиле.
Кредитна линија Средства во милиони евра Број на одобрени барања
Ковид 1 5,5 737
Ковид 2 8 639
Ковид 3 31 2678
Вкупно 44,5 4054
„ Поволностите кои ги добиваат компаниите се неколку, пред се’ тука е каматната стапка која изнесува 0%. Грејс периодите за сите кредитни линии кои ги реализиравме досега се од 6 до 12 месеци, со период на отплата од 24 до 36 месеци“, велат од Развојна банка на Македонија.
Кредитите без камати кои државата ги нуди на стопанството до некаде им помогнаа на компаниите вели Андреева, но смета дека потребно е продолжување на државната помош за целосно закрепнување и стабилизирање на економијата.
„На стопанството му требаат брзи финансиски средства, брза финансиска инјекција, без многу ограничувачки услови и фактори, кои што ќе им помогнат да ги издражт овие периоди кои што доаѓаат. Претжно сме микро и мали компании и сме 98 отсто во приватниот сектор кои немаат натрупан капитал, со сите резерви исцрпени“, изјави Александра Андреева Сојуз на стопанска комора.
Инаку, бизнисмените се уште се во очекување на финансиската помош од петтиот пакет мерки кој е заглавен во Собранието и е блокиран со илјадници амандмани.
Иле Петревски