Неколку илјади компании еднократно ќе треба да платат данок за екстра добивка за 2022 година. Освен банките и трговски друштва, со кризниот данок од 30 отсто ќе бидат опфатени и поголеми компании кои оствариле профит од над 10 милиони евра. Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, симулациите кај некои големи компании покажале дека овој данок нема многу да влијае на нивното работење и профит, пренесува Дојче Веле.
Станува збор за еднократен данок кој се однесува само за профитот кој е остварен годинава и е поголем од четиригодишниот просек. Владата очекува со новиот закон за екстра добивка да наплати дополнителни 90 милиони евра за државната каса.
„Ако некоја фирма имала профит од 1,2 милиони евра, а во меѓувреме тој се зголемил на 2 милиони евра – разликата од 800.000 евра ќе подлежи на 30 отсто данок на добивка, само за оваа година. Тоа се дополнителни 240.000 евра кои ќе бидат платени на име на данок на добивка. Може да претпоставиме дека станува збор за неколку илјади компании“, вели Битиќи.
Со овој данок ќе бидат опфатени банки, компании кои тргуваат со нафтени деривати, трговци на мало, како и компании од енергетскиот сектор и други компании. Собраните пари од овој данок ќе се користат за справување со кризата, а дел од тие средства можно е да се искористат за поддршка на големите компании за излез од кризата.