Американскиот автомобилски гигант „Форд“ соопшти дека ќе инвестира 11,4 милијарди долари во производство на електрични возила и батерии во САД, при што најави партнерство со јужнокорејскиот производител на батерии „СК Иновејшн“ (SK Innovation).

Според планот, компанијата ќе произведува автомобили и пикапи со нулта емисија на штетни гасови, „прилагодени“ на клиентите и ќе отвори 11 илјади работни места.

Новата фабрика во Тенеси, (Blue Oval City) , ќе се простира на површина од шест квадратни километри и од 2025 година ќе монтира електрични камиони и акумулатори од новата генерација.

Батериите произведени во погоните во Кентаки ќе бидат дел од новите линии на електрични возила „Форд“ и „Линколн“.

Компанијата веќе ги зголеми инвестициите во производството на електрични возила во погоните во Тексас и Мичиген и планира нов циклус во партнерство со јужнокорејскиот производител на батерии „Ск Иновејшн“.

„Форд“ се надева дека до 2030 година автомобилите со нулта емисија на штетни гасови ќе учествуваат со половина од продажбата.

Ова е нашиот момент, нашата најголема инвестиција до сега, сакаме да помогнеме да се изгради подобра иднина за Америка. Почнуваме со проект што ќе овозможи најнови електрични возила за сите, а не само за (избраното) малцинство – изјави претседателот и извршен директор на Форд, Џим Фарли.

Електричните возила се уште се ретка појава на патиштата во САД, сочинувајќи само два проценти од глобалната продажба минатата година.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.