Најверните навивачи на Вардар, „Комитите“ го загубија трпението од поранешниот сопственик на „црвено-црните“ Сергеј Самсоненко кој не го исполни ветувањето дека ќе ги покрие сите долгови и клубот ќе го остави на позитивна нула и побараа итна средба со него.
„Комитите“ кои веќе покренаа акција за спас на Вардар, се надеваат дека Самсоненко нема да биде пречка во обидите за спас на „црвено-црните“ и тоа го објавија во последното соопштение кое ви го пренесуваме во целост:
И илјада работи да ги направиш како што треба, а кикснеш кај најглавната – довербата, ништо не си направил.
Има луѓе кои го сакаат тоа што го работат и градат, сакаат проектот да успее, и да живее без оглед на тоа дали и самите ќе бидат дел од истиот во иднина, затоа што си го засакале и се приврзале. Но има и луѓе кои сонуваат она што го граделе и работеле, по нив да се сруши како кула од карти, затоа што самите не се дел од тоа повеќе, па носталгијата по нив да преовлада, и луѓето да велат дека кога беа тие беше најдобро, а после нив потоп…
Гледајќи што се случува со Вардар деновиве, егзодус на тимот и неизвесниот старт на пролетниот дел на првенството, потоа фактот што сакаат да не замајуваат со бомбастични наслови за Катарците, покривање на долгот и слично, додека времето поминува немилосрдно на штета на нашиот клуб. Па се повеќе ни се удира од глава како бумеранг лојалноста и довербата која доследно ја дававме и даваме кон клубот, а и се повеќе боли фактот дека истата е изиграна и нештата неповратно заминуваат во погрешен правец. Неизвесноста со кој состав Вардар ќе продолжи, и се тоа почнува да не тера да се замислиме дека сме биле соочени со овој вториот тип на луѓе. Можно ли е оние на кои им ја дадовме довербата, истата да ја изиграа, и за сметка на нивните амбиции и цели да страда нашето свето име?
За Вардар би направиле многу нешта, и многу од нас свесно би се саможртвувале во името на љубовта, и за светлата иднина на нашата светост. Но боли помислата дека има и такви кои тоа го имаат во предвид и калкулираат со нашата жртва, во името на некои други математики, каде и таквата цена е во игра, заради остварување цели кои се далеку од она за кое ние веруваме дека е идеал вреден за сопствена саможртва.
Како ли се будат оние кои манипулираат многу други такви „будали“ како нас, кои ранат многу семејства кои зависат од тоа што е заслужено и заработено на теренот, но и зачинето со љубов, затоа што и тие сватиле дека да се игра во Вардар претставува гордост, чест и ја разбрале тежината на дресот.
Побаравме средба со човекот на кого како никој предходно му верувавме, и од кого бараме да не погледне во очи и да ни каже дека е спремен да го пушти Вардар низ вода.
Да ни каже дека го жртвува Вардар, и да ни објасни како таа жртва е вредна за некоја повисока цел. А постои ли таква цел? Вардар бил, е и секогаш ќе биде нашиот врвен идеал. Управите доаѓаат и си одат, а ние сме секогаш тука за да ги сместиме онаму каде заслужуваат во историјата која ја пишуваме.
Се уште има излез од кој сите ќе бидат победници, треба само да се посегне во срцето и доколку и во само еден момент постоела љубов, таа ќе го покаже правецот.
Не прифаќаме опција каде Вардар ќе биде монета за поткусурување, не прифаќаме Вардар да биде запрен. Веќе знаеме дека доколку Вардар биде запрен, Скопје ќе биде поплавено, но знаеме и дека први ќе бидат поплавени оние кои ја градат браната сакајќи да го пренасочат текот, затоа што едноставно не може да се интервенира во природата а природата да не го возврати ударот!“, пишува во соопштението на „Комити“