Верната навивачка група „Комити“ се надеваат и веруваат дека има спас за фудбалскиот клуб Вардар повторно да се издигне и се врати на вистинскиот пат.

Вечерва фановите на „црвено-црните“ очекуваат утре да им стигне вест дека е направен тој еден чекор неопходен за надежта да продолжи да живее.

Во спротивно доколку Вардар биде запрен, Скопје ќе биде „поплавено“. Во продолжение нивната најнова објава:

Играчите го дадоа тоа што требаше и многу повеќе од она што од нив се очекуваше. Тетовче (довчерашниот тренер на клубот, Александар Васоски) направи одлична селекција, разви извонредно победнички менталитет, им го пренесе покрај стручното и она Вардарското што извира од него и за многу краток период направи тимот да личи на Вардар, и да најавува дека има многу потенцијал во тие млади деца, но и да допре до оние кои дојдоа да помогнат со своето искуство и жар за Вардар.

Жално би било сите тие да не бидат наградени за тоа што се надминаа себеси за ова свето име да не згасне. Единствено нешто што мора да се случи, е утре да ни стигне вест дека е направен тој еден чекор кој е толку неопходен за надежта да продолжи да живее. Вардар да продолжи да постои како нешто што познаваме и покрај кој сме пораснале и се идентификуваме. Не има многу, и сите ние очекуваме човекот на кого безусловно му верувавме сите изминати години, го исполни ветениот збор.

Не може да има одложување кое не би оставило силни последици за тимот и армијата навивачи кои стојат позади клубот, и во добро и во зло. Ви верувавме и веруваме дека нема да ја изневерите нашата доверба.

Не е време за решавање на работи преку нашиот Вардар, туку е време за решение на работите во ФК Вардар. Тоа е она што е суштинско и што за нас е единствено правилно и нужно. Вардар ќе живее! Доколку Вардар биде запрен – Скопје ќе биде поплавено! – соопштуваат „Комити Скопје“ преку нивната Фејсбук страница.