Собраниската Комисија за европски прашања попладнево ја започна амадманската расправа по Предлог законот за административни службеници, кој е дел од пакетот реформски закони за администрацијата подготвени од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), предложени по скратена постапка.
За предлог законот се поднесени 21 амандман.
На дневен ред на седницата се и Предлог законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, Предлог на законот за вработените во јавниот сектор и Предлог на законот за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација.
Членовите на Комисијата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на расправата повторно побараа со заклучок на комисијата да се организира јавна расправа за пакетот закони, но ресорниот министер Азир Алиу посочи дека се известени сите засегнати страни порачувајќи дека треба да се донесат час поскоро, бидејќи, како што рече, се работат шест години.
-Пратени се на мејл до сите засегнати страни, вклучително и ССМ, лично сум имал и состаноци со засегнати страни од сите групи, така што за тој дел дека законот не дал можност за дискусија, верувајте дека шест години законите се работат и има неколку верзии. Сега дефинитивно е време да се донесе законот за административни службеници, рече Алиу.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски претходно изјави дека предложените закони владејачко мнозинство сака да ги „протне“ набрзина, без широка и јавна дебата и дискусија, притоа, како што потенцира, вршејќи груба злоупотреба на европско знаменце иако навистина нема никаква потреба за истото.
-Пред малку, токму за оваа злоупотреба и нетранспарентност на власта, преку свои соопштенија и писма реагираа и најголемите синдикати во државата, ССМ, УПОЗ и КСС каде јасно го искажаа својот револт и незадоволство преку конкретни забелешки, но и упатија барање за итно стопирање на целата постапка и одржување на јавна расправа за овие закони. Ова е огромна реформа, ова се важни и крупни закони кои не може и не смее да се носат на овој начин, вака набрзина и нетранспарентно особено во мандат на техничка Влада. Токму затоа, Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како најголема и најбројна пратеничка група во Собранието, јавно упатува поддршка на синдикатите и се приклучува на нивните барања за итно запирање на целата постапка на носење на овие важни закони, рече Стојаноски.
На почетокот на седницата не беше прифатен предлогот од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Левков, четирите предложени закони да бидат тргнати од дневен ред забалежувајќи дека дописот за нив испратен до Собранието е од страна на техничкиот премиер Талат Џафери, а истите пакет закони се испратени од него во функција на претседател на Собранието.























