Во програмата за работа на стационарот Лајка е предвидена еутаназија на кучиња со позитивен тест на парвовироза и штенечак, додека на кучињата кои ќе бидат позитивни на тестот на лишманија и срцев црв ќе им биде дадена шанса да бидат преземени во рок од 48 часа, по што и тие исто така ќе бидат еутанизирани.
Откако Советот на Град Скопје вчера ја усвои програмата за работа на новоформираното претпријатие Лајка, во јавноста се крена голема прашина околу активностите кои се предвидуваат со оваа програма. Особено незадоволни се дел од активистите за хуман третман на животните.
Драгана Велковска, советничка од Левица и активист, е против Програмата за благосостојба за животни скитници во Скопје, бидејќи, според неа, со ваквата програма ќе се изврши геноцид врз кучињата скитници.
Во програмата за работа на стационарот Лајка е предвидена еутаназија на кучиња со позитивен тест на парвовироза и штенечак, додека на кучињата кои ќе бидат позитивни на тестот на лишманија и срцев црв ќе им биде дадена шанса да бидат преземени во рок од 48 часа, по што и тие исто така ќе бидат еутанизирани.
Ова, според здруженијата за заштита на животни е несоодветен и нехуман третман на кучињата.
„Имајќи ги предвид статистиките од терен на горенаведените здравствени состојби кои се лечат со висока стапка на успешност, со Програмата се предвидува речиси ИНСТАНТНО усмртување на приближно 70% од животните кои ќе влезат во стационар. Повторувам, НИЕДНА програма до сега во овој град немала на хартија ваква дозвола за убивање!
Моето барање оваа точка да се симне од дневниот ред и да се сработи нова Програма во координација со здруженијата која тие финално ќе ја одобрат, го поддржаа сите скопски здруженија за заштита на животни и дел од националните здруженија поради опасноста оваа штетна програма да се преслика и во нивните ЕЛС или проблемот со кучињата фрлени на планина да им се прелее во територијата каде што тие делуваат. Вардариште е минато, точно, но за жал на негово место имаме уште поголемо чудовиште кое НЕ СМЕЕМЕ да дозволиме да стане реалност!“, напиша Велковска на својот Фејсбук профил.
Дали може на друг начин да се постапи со кучињата болни од некоја од овие болести го прашавме ветеринарот Денис Османов, од ветеринарната ординација Пет Вет.
– Штенечак не се пренесува од кучиња на луѓе, но кучињата заболени од оваа болест може да направат штета кај популацијата на останатите кучиња, како и кај ласиците и лисиците, додека кучињата болни од парвовироза може да ги разболат мачките – вели Османов.
Тој објаснува дека не е препорачливо во средина каде што има здрави кучиња да престојуваат кучиња кои пренесуваат болести.
– Овие болести се многу штетни за кучињата. За да им биде појасно на сите кои недоволно ја разбираат оваа тема, ќе објаснам попластично. Да однесеш болно куче од штенечак или парвовироза во стационар кај здрави кучиња е исто како еден заболен од корона вирус да се прошета во ГТЦ – објаснува Османов.
Директорката на „Лајка“, Тина Петрушевска, во изјава за „Слободен печат“, вели дека не би дозволила геноцид на животните.
– Програмата за работа на Лајка е во согласност со Законот за благосостојба на животните. Тоа што се шири по социјалните мрежи е извадено од контекст. Новина е тоа што кучињата ќе бидат подлежни на тестови кои ќе покажат дали ќе бидат однесени во карантин или ќе подлежат на понатамошен третман – вели Петрушевска.
Според неа, здруженијата за заштита на животните бараат да не се тестираат кучињата, а тоа е неприфатливо барање.
– Ширењето на зарази е кривично дело, не смееме да дозволиме да се шират вируси, тие од нас бараат да не ги тестираме кучињата, а ако го не го направиме тоа, едно куче ќе зарази сто други. Нас целта ни е да го решиме проблемот, а не да создадеме уште едно „Вардариште“ – вели Петрушевска.
Таа посебно реагира на пишувањата дека животните ќе ги носат во планина.
– Не е точно дека кучињата ќе ги фрлиме во планина, тоа е чиста дезинформација, во обид да се изманипулира јавноста – вели директорката на „Лајка“.