Исклучително тешка, ја карактеризираше ситуацијата со мигрантите на Кипар шефот на кипарската дипломатија Константинос Комбос, кој паралелно најави дека со Либан ќе разгледаат различни опции за задоволителен резултат, јави дописничката на МИА од Атина.

Во изминатиот период на Кипар се интензивирани мигрантските бранови од Либан, а според весникот „Филелефтерос“ од неделата заклучно со вчера пристигнале 14 чамци со 768 мигранти, а биле уапсени 14 лица.

Министерот за надворешни работи на Кипар, според кипарските медиуми, денеска рекол дека за конкретното прашање Владата „се обидува да донесе одлуки што ќе доведат до ублажување на феноменот, кој е особено загрижувачки“.

Во таа насока претседателот на Кипар Никос Христодулидис в понеделник ќе го посети Либан каде што ќе се разгледаат сите можности за решение, а Комбос истакна дека „ситуацијата е исклучително тешка и тоа е нешто што треба да ги загрижува и Европската унија и Либан“.