Чудно како МОН пред да донесе важни одлуки за да ги дообоси нашите деца, во актуелниов случај – употреба на дигитални учебници во наставата, претходно не се консултира, во најмала рака, со досегашните истражувања на оваа тема, кои ги има прилично многу во светот, кога веќе им е провалено ланското повикување на реформите засновани на силната врска со соседна Финска.
Неодамнешните обемни студии велат дека физичката форма која ја има учебникот е неопходна за меморирање и разбирање на текстот, односно истражувањата јасно сугерираат дека учењето на екран не е исто со читањето на отпечатен учебник. Во споредба со хартијата, екранот го отежнува помнењето на прочитаното. Според психолозите, за нашиот мозок буквите се физички предмети. „Мозокот ги гледа буквите повеќе како физички отколку како апстрактни предмети. Не сме родени со мозочна структура за читање (пишувањето и читањето се измислени во четвртиот милениум п.н.е.), значи, човечкиот мозок позајмува мозочни структури кои се посветени на други активности како што се говор, вид, моторна координација. Некои од овие мозочни структури се специјализирани за препознавање на предмети: исто како што ни помагаат да разликуваме јаболко од портокал, така нè тераат да препознаеме буква, ред, празни места “, објаснува Мериен Волф од Универзитетот Тафтс, САД.
Екраните го инхибираат разбирањето
Учебникот на хартија е како топографска карта, го ориентира ученикот и му помага да меморира што чита. Покрај третирањето на буквите како физички објекти, мозокот го доживува текстот како еден вид пејзаж: кога читаме, конструираме ментална претстава за текстот слична на мапа за физичко место, како што е планот за стан или град. Луѓето се сеќаваат на информациите во текстот врз основа на нивната позиција во книгата. Отворениот учебник на ученикот му претставува две јасно дефинирани страници и осум агли за ориентација. Кога некој чита, се фокусира на страницата без да го изгуби од вид целиот текст, додека вртењето страници е како да оставате стапалки на патека – има ритам и видлива трага за тоа колку напредувате низ материјалот. Пишувањето забелешки, цртежи, подвлекување на редови, свиткување на аглите на страниците на важните места од материјалот, со своја рака, односно со физичко манипулирање со нив, ја зголемува ефикасноста на учењето. Накратко, трудот ви овозможува подобро и подлабоко да се внесете во темата. Дигиталниот читател пак, се движи низ страниците но нема глобална визија за книгата. „Физичкото чувство за тоа каде сте во книгата е поважно отколку што мислите“, вели Абигејл Селен од „Мајкрософт рисрч“ од Кембриџ, Англија. Со ограничување на овој целокупен поглед, екраните го инхибираат разбирањето.
Студија спроведена од Студентски монитор покажува дека само 13% од учениците користеле дигитални учебници додека 87% претпочитале да купат еквивалент на хартија, а студија спроведена од Универзитетот во Вашингтон покажа дека 25% од студентите по хуманистички науки се откажале од бесплатната дигитална верзија со цел да учат од отпечатена верзија. Како дел од студијата на норвешкиот универзитет „Ставангер“ на учесниците им била презентирана приказна на 28 страници, половина од нив ја читале од книга, а половина од екран. По читањето, на сите им биле поставени прашања за заплетот: првата група покажала далеку поголемо разбирање од втората, а „дигиталните“ читатели биле помалку емотивно вклучени во приказната. Мултитаскингот се зголемува при читање од дигитален уред, така што расеаноста е полесна, а концентрацијата намалена. Дополнително, читањето преку екран троши многу повеќе ментална енергија, и може да биде позаморно.
Фактори на ризик: осиромашување на речникот и знаењето
Истражувањето на научниот тим CIBER покажа дека учењето од екран се карактеризира со брзо скенирање на информации, „посети“ и брзи „скокови“ од една на друга страница. Скролувањето низ текстот и активирањето на различни сетилни стимули го одвлекува вниманието на мозокот од толкувањето на текстот. Како значајни фактори на ризик се наведени осиромашување на речникот и знаењето и намалување на когнитивните нивоа, а со тоа учењето од екран нема да ги има истите невролошки, когнитивни и културни придобивки како читањето од испечатен учебник. Тоа ли им го посакуваме на нашите деца?
Дополнително, но воопшто не помалку важно, хартиениот учебник е „статичен“, одосно непроменлив во смисла на тоа штом ќе се објави одредено издание, содржината е „блокирана“ од издавачот. За разлика од него, електорнскиот учебник има „динамична“ содржина – авторот може да одлучи да ја измени содржината со ажурирање, во договор со издавачот. Не ли ви мириса ова на можност за нови мајмунлоци во поглед на корекции на чувствителните содржини?