Иако знаеме дека образованието е една од најважните врски во постигнувањето на родова еднаквост, а нормите во Европа и во нашата земја го гарантираат правото на образование без дискриминација, во пракса сѐ уште постои изненадувачка разлика помеѓу нивото на образование меѓу жените и мажите на иста возраст.
ЖЕНА-МАЈКА-КРАЛИЦА колку храброст, чувство и почит кон женското човечко битие треба да се има за да може да се пишува на таа тема. Таа, срцето на човештвото, на која целиот живот ѝ е историја на емоции, заслужува респект, која затрчана во секојдневието на своето постоење од генерација на генерација и менувајќи го нејзиниот статус во општеството и семејството, го освојува светот како борец и победник.
Жените во минатото, во поглед на образованието, отсекогаш биле дискриминирани. Отсекогаш женскиот идентитет исклучиво се поврзувал со мајчинството и се сметало дека местото на жената е дома и не е потребно да се образова, што придонело за уште поголема неписменост. Во својот дом тие ја уживале својата слобода и биле рамноправни господари на домаќинството, заедно со своите мажи. Без разлика на тоа каде живееле, на село или во град, нивната главна обврска била да го чуваат и да го зачуваат востановениот патријархален ред. Едноставно, македонската жена, во тој период, го живеела секојдневието на балканска жена.
Силните просветителски процеси биле главен приоритет во дејствувањето на македонската жена, за добивање на правото на школување. Масовната писменост многу придонесе за намалување на разликите помеѓу мажите и жените во однос на образованието. Иако знаеме дека образованието е една од најважните врски во постигнувањето на родова еднаквост, а нормите во Европа и во нашата земја го гарантираат правото на образование без дискриминација, во пракса сѐ уште постои изненадувачка разлика помеѓу нивото на образование меѓу жените и мажите на иста возраст. Особено ова прашање, во многу случаи, се наметнува како нерешено кога се истражуваат брачните и родителските права и обврски во едно семејство од една страна и образованието и науката од друга страна.
Денес, една современа жена треба да се справува и да го балансира конфликтот меѓу работната, семејната и мајчинската улога, да го менаџира времето меѓу работата и воспитување на децата. Уверена сум дека жената како и секој човек, сама си го гради статусот во општеството, во професионалниот свет, во семејството, во приватниот живот. Ние сите го носиме својот печат низ животот. За сѐ треба сами да се избориме, да си изградиме статус, да се развиваме, секојдневно да се докажуваме, постојано да напредуваме, прво за свое сопствено задоволство, а секако дека тоа ја прави и сликата за нас кај другите. Поддршката од партнерот и нашето семејство има клучна улога да се постигне сето она што сме го замислиле и успешно сме го реализирале – цел кон која се стреми секоја од нас. Доколку поддршката на сопругот и семејството е силна, одлуката да се посветиме кон науката и образованието станува реална и остварлива.
Поддршка, која ќе те бодри уште посамоуверено и гордо, притоа реализирана и во улогата на мајка, да се движиш низ лавиринтите на животот, надоградувајќи го своето образование и своето знаење, и зацврстувајќи ја својата врска со науката. Една таква безрезервна поддршка, која ја имам и јас, а без која немаше да можам да постигнам сѐ она што го имам постигнато досега во мојот живот. Откако дипломирав на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, своите магистерски студии ги продоложив на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, на студиската програма – Менаџмент во образованието и образовна политика. Во тој период двапати го искусив и мајчинството, во својата најубава, најчиста и најблагородна форма. И токму мајчинството го зацврсти мојот однос кон образованието, науката и професионалноста. Во целиот тој период, а и сега, поддршката од сопругот и семејството биле клучни. Тие имаа разбирање за сите мои отсуства и беа трпеливи за пропуштените заеднички мигови, а сепак ми даваа безрезервна љубов, поддршка и инспирација да чекорам понатаму. Мојот сопруг секогаш ја поддржувал мојата љубов кон науката, и неговото разбирање за моите ангажмани секогаш имале клучен придонес кон моите одлуки. Усогласувањето на мајчинските и професионалните обврски, кои исто така активно ги исполнувам, можеби никогаш не биле лесна задача, но секогаш биле извонредно инспиративни, мотивирачки и задоволувачки. Токму тој мотив, токму таа инспирација и токму тоа задоволство биле причина да се посветам на образованието и науката, притоа носејќи го приматот на мајка и качувајќи се на повисоките скали во општеството.
Балансирањето на улогите на жената преку три модели и тоа како жена сопруга, жена мајка и жена посветена на науката и образованието бара многу напори, но секако придонесува до неприкосновена родова еднаквост и еднакво позиционирање во сите сфери на општеството.