Платата е фрапантен пример за нееднаквоста, нерамноправност и очаен симбол на ноторна непочит, со енормни разлики во сумите за идентични квалификации и труд, а различен пол.
Цвеќињата, вазите, тавите и тенџерињата се дел од лепезата подароци за жените, за секоја прилика. Поголема стигматизација е дури и тешко да се измисли.
Цвеќињата може евентуално да ги красат спомениците на Клара и Роза, на Симон и на Вирџинија, гробовите на жените – жртви на семејно насилство, собите на санаториумите во кои се сместени оние коишто успеале да преживеат акти на тортура и бројни силувања и/или полови осакатувања со што им се ускратува можноста и правото да уживаат во телесните задоволства. Мајките што работат исто колку и татковците, а паралелно го одржуваат и домот со оние вази и блуткави украси врз кои се собира прашина за бришење, се дополнителна задача за домаќинката – „оти срамота е“. Кујнскиот прибор во кој поубаво ќе готви за да го нахрани семејството, како тоа да е ексклузивно нејзина задача, е втора, трета или четврта професија за којашто не прима финансиски надомест. Попатно, кога веќе спомнав плата, истата е фрапантен пример за таа нееднаквост, нерамноправност и очаен симбол на ноторна непочит, со енормни разлики во сумите за идентични квалификации и труд, а различен пол. Единственото нешто што треба да се направи за жените воопшто, како од страна на мажите, така и од женска солидарност, не како подарок туку исклучиво како должност, е да застанете на иста борбената линија со оние што веќе се борат. Сметам дека никој не е на позиција, ниту има интерес да бара супериорност, иако векови наназад мажите имаат долг кон жените. Еднаквоста треба да е заедничка цел и заедничка борба, за заеднички да бидат и сите придобивки од неа. Рамноправноста треба да биде заеднички поттик и заедничка мотивација за да се смират тензиите и да се воспостави нешто што наликува на онаа утописка замисла за хармонија.
Како девојка, претрпев обид за злоставување за кој малкумина знаат, а подоцна и физичко насилство во еден, единствен наврат. Не дозволив тоа да ме ситуира како вечна жртва, ниту како загарантиран губитник. За жал, сите не успеваат.
Како жена, ја имам среќата да не ми недостига почит, ниту да имам потреба да побарам помош за да го средам домот, перцепцијата за заедничко катче со сите уживања и обврски е вкоренета во основите на мојата двојка и така функционираме повеќе од деценија.
Како професионален кадар, приказната е многу помалку идилична, и традиционално се соочувам со пониска цена на пазарот на трудот во споредба со моите машки хомолози, со неколку интервјуа за работа од кои имам излетано од врата поради непристојни инсинуации и сексистички пристап.
Нема ниту една валидна причина за молк. Пред ниеден тип на обесправеност. Многу сме, неопходни сме, способни сме. Не е табу да се биде жена, ниту е грев. Не е избор, туку фактор „шанса“. Имаме илјадници причини за гордост, меѓу кои и онаа дека сме различни и како такви на различен начин придонесуваме за поправедно и поправично општество. Имате илјадници причини со вашата човечка големина, на ваше ниво, да придонесете за рамноправност меѓу двата пола, кои се спојуваат под поимот човек.