Гостинка во „Женски печат“ со своја колумна ни е историчарката и независен истражувач Ивана Хаџиевска, која пишува на тема дали нашите девојчиња имаат или немаат познавање за историјата на жените во РС Македонија, знаење што би требало да се стекне во училиште или во гимназија. Хаџиевска пишува на тема, што според неа, во однос на историјата на жената од наше тло, би требало да се доближи до денешните деца.
Ова прашање со себе секогаш ја повлекува потреба за преиспитување на канонот, но и на курикулумот и факторите на сеќавање, кои имаат одлучувачка моќ што ќе биде доминантно во учебниците, а што во јавната историја и во останатите „простори на сеќавање“ – кои се секогаш длабоко зависни од центрите на моќ, независно од научниот аспект, или постоечките алтернативна- и контракултура, и наивно е да се мисли поинаку. Во учебниците, жените се „невидливиот род“, и не можам да не ја споменам луцидната забелешка на хрватскиот антрополог Лидија Склевицки, авторка на студијата „Коњи, жени, војни“ (1996), која го истражувала токму ова прашање во учебниците на просторот на Југославија, и заклучила дека секогаш побројни биле коњите (на војсководците), отколку жените. Денес, неколку децении по истражувањата на Склевицки, јас ќе додадам, дека коњите се побројни и на плоштадите и не сме напреднале многу по ова прашање. Политиките на сеќавање што се создаваат „од горе“, често имаат клучно влијание врз креирањето на јавното мислење или одржувањето на статус кво за одредени општествени стварности, па ни ги претставуваат како „природни“, „нормални“ и „неменливи“, така е со патријархатот.
За да одговорам како да се приближи историјата на жените низ образовниот процес, можеби ќе морам да го превртам прашањето и прстот да го вперам кон тоа што е моментално доминантно во учебниците, а тоа се владетелите и војсководците. Со ова сакам да кажам дека се избегнуваат термини како класа, материјалната историја на народите и условите кои ја формирале човечката состојба на социјалните слоеви – она што во самиот поим е историја на човештвото. Сметам дека ако се работи на решавање на овој проблем, нема да има потреба да се придодава историјата на жените или која било друга група, бидејќи веќе ќе имаме изучување на историјата како дијалектички тоталитет. Додавањето по некоја истакната владетелка во учебниците нема да го реши проблемот, на она што филозофината Силвија Федеричи во нејзината клучна студија „Калибан и вештерката“ (2004), го препознава како „заградување/отуѓување“ на знаењата од женската историја, кое во Европа започнало да се одвива со трансформациите на феудализимот кон капитализам во текот на Средниот век. Од друга страна, изучувањето и приближувањето на наративи од историјата на жените во училницата за кое исто така ме прашувате, може да биде многу возбудлив процес за учениците/-чките, бидејќи секогаш носи критика на воспоставените образци за населението на нашето тло и најчесто води кон рушење на родовите стереотипи и предрасуди. Српската теоретичарка на родот Адриана Захариевиќ, во една своја статија објаснува дека запознавањето со наративите за политичката субјективизација на жените, значи „да не ја читаме сопствената историја како погрешна фуснота“. Корисен податок е и дека словенечката културолошка историчарка Светлана Слапшак има создадено школа на педагогијата и методологијата на историјата на жените на Балканот од антиката до модерното доба. Според тоа, сметам дека е значајно за ученичките кај нас, растени на економската периферија на Европа и опкружени со нападна репатријархализација во современа форма, да имаат можност да ги увидат жените во сите периоди и различни контексти од нашата национална историја како историски и политички субјекти во повеќе димензии, а не само повремено споменати и вкалапени во идеали како „мајка маченичка“ или изедначени со „татковината“.
Жените на територија на Македонија низ историјата егзистирале и учествувале во процесите во разни, позитивни и негативни улоги, кои не смеат да се разгледуваат вон контекстот. Историските искуства што ги стекнале во 19 и 20 век, особено во антифашистичката борба во текот на Втората светска војна, може да бидат клучни за разбирање на економските аспекти на денешната положба на жената во општеството.