Пред неколку дена го одбележавме 8 март, Меѓународниот ден на жените. И покрај историската важност на овој ден, сметам дека секој ден е ден на сите луѓе на нашата планета без разлика на пол, раса, чувство, припадност, националност, итн. Никогаш повеќе од сега не ни било попотребно љубов, разбирање, толеранција, несебична поддршка и помагање, вклучително и за достигнување на родовата еднаквост. Сепак, на тоа поле во нашата држава, и покрај постигнатото од независноста до денес и осцилациите низ текот на годините, останува уште многу да се сработи. За тоа е потребна мобилизација на сите сегменти во општеството и нормално, целосна политичка поддршка во секој момент и од власта и од опозицијата, како и од невладиниот и бизнис-секторите и меѓународната заедница.
Во пресрет на 65-то заседавање на Комисијата на Статусот на жените (КСЖ) на Обединетите нации (15-26 март 2021 година), кое оваа година се одржува на интернет-платформите т.е. виртуелно, имајќи ја предвид ситуацијата со пандемијата со ковид-19, битно е да се потенцира дека целата сесија ќе биде посветена на целосното и ефикасно учество и одлучување на жените во јавниот живот, како и на елиминирањето на насилството, за да се постигне родова еднаквост и да се зајакнат позициите на сите жени и девојчиња во светот. Другата тема која е за разгледување е зајакнувањето на жените и врската со одржливиот развој.
Овие теми се во насока и на нашите заложби кои се поодамна истакнати иако не се достигнати од сите чинители во општеството. И затоа е потребно акцентот повторно да го ставиме на ова поле, бидејќи и покрај времените посебни мерки т.е. квотите и постојната легислатива, реално жените сѐ уште имаат многу малку можности да заземаат високи позиции, како на ниво на водењето на државата дома и во странство, така и во приватниот сектор.
Краен резултат на секоја сесија на КСЖ на ОН се договорените заклучоци на приоритетни теми, кои се различни секоја година. Тие заклучоци содржат анализи на приоритетните теми и конкретни препораки за акција до владите, меѓувладините тела, и други институции, невладините организации, како и други релевантни чинители со цел да бидат имплементирани на меѓународно, регионално, национално, и локално ниво.
Овогодишната тема звучи (не за прв пат) доста генерално и амбициозно (но потребно, бидејќи договорените заклучоци би требало да бидат усвоени од сите земји членки), особено следејќи ги случувањата во целиот свет и информациите за влошувањето на позициите на жените и девојчињата за време на оваа пандемија. UN Women има собрано искуства и информации што укажуваат дека е можно пандемијата со ковид-19 да ја уназади родовата еднаквост за 25 години. Ова е многу црно сценарио и претскажување кое многу чинители не би го посакале и единствен начин да се превенира е со преземање итни мерки во сите сегменти од општеството и во сите држави. Во Република Северна Македонија Извештајот за оценка на социо-економското влијание на ковид-19 изработен од УНДП летото 2020 година, потврдува дека жените се најтешко погодени од пандемијата.
Имајќи го предвид моментот во кој живееме, предложените заклучоци на Комисијата за Статусот на Жените на ОН одат во насока не само на заложбата за целосна, ефикасна и забрзана имплементација на Пекингшката декларација и Платформа за акција, туку и на целосно почитување на човековите права и основни слободи за сите жени и девојчиња, вклучително и правото на развој, кои се круцијални за економското зајакнување на жените и кои треба да бидат вклучени во сите политики и програми во државите со цел искоренување на сиромаштијата и економско зајакнување на жените. Тоа многу би помогнало да се дојде близу до исполнување на Одржливите развојни цели на ОН до 2030 година.
Но, треба да се напомене дека во сите аспекти на одлучувањето жените остануваат значително незастапени на светско ниво и дека насилството врз жените во јавниот живот е широко распространето, додека организирано спротивставување на учеството на жените во јавниот живот е многу силно и насилно во голем број држави. За намалување и искоренување на насилството и на стеротипите во оваа сфера не помагаат ни медиумите, ниту социјалните платформи и интернетот туку напротив, има многу докази токму на спротивното.
Во светот, како и кај нас, работата на невладниот сектор и меѓународната заедница се цени и претставува важен придонес во промовирање на нови или подобрени законски решенија и механизми за унапредување на родовата еднаквост, за елиминирање на дискиминирачките закони и практики против жените и за зголемување на нивната вклученост во јавниот живот. Но сепак, има потреба повторно фокусот на меѓународната заедница, како и на меѓународните и домашни НВО, да биде ставен на оваа тема и тоа да биде поткрепено со соодветни нови проекти и програми толку потребни особено во овој момент на нашето општество.
Воедно, треба да се потенцира и потребата на континуирано работење на формулирање и усвојување на политики ориентирани кон семејството со цел да се најде начин и да се дојде до посакуваното ниво на баланс помеѓу работата и семејниот живот и да се изнајдат најдобрите начини да им се помогне на жените и на младите девојки активно да се вклучуваат во политиката, во јавниот живот и активно да учествуваат во донесување одлуки на секое ниво. За тоа исто така потребно е изнајдување начини за целосно и активно ангажирање на мажите и момчињата како агенти за промени и поддршка на жените и девојките во нивниот успех во јавниот живот.
На негативните социјални норми и родови стереотипи кои, и понатаму им се закануваат на правата на жените и нивното учество во јавниот живот треба неуморно да се работи и да се има континуирана поддршка особено од страна на политичките лидери кои се најмногу мажи со цел забрзување на тие промени во опшштеството.
Доколку бидат усвоени, заклучоците од 65-та сесија на КСЖ се групирани во следните области: зајакнување на нормативните, правни и регулативни рамки; превенција и елиминирање на насилството врз жените во јавниот живот; зајакнување на родово базирани институционални реформи; зголемување на висококвалитетно финансирање за поддршка на учеството на жените во јавниот живот; зајакнување на гласовите на жените и водење според девизата – да не се остави никој позади во јавниот живот- ; нашата држава ќе треба да ги земе предвид во креирањето на сите политики сега и во иднина. Како и секоја година и овие заклучоци додаваат тежина и барања од КСЖ до земјите членки на ОН кои ја ратификувале Конвенцијата на ОН за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените да прикажат резултати во своите периодични извештаи по Конвенцијата како и да прифатат препораки од КСЖ по своите извештаи со цел подобрување на позицијата на жените во јавниот живот и во меѓународното претставување.