На кантарот на општеството, мажите отсекогаш повеќе натежнувале како резултат на погрешното баждарење со векови. Повеќе можности, поголеми привилегии, подобри работни места. Да си жена, тука и сега, значи да се бориш многу повеќе за да го добиеш она што го заслужуваш, иако некогаш вредноста на жената во областа за која професионално се определила е поголема од онаа на нејзините машки колеги. Да не зборуваме и за сексистичките моменти во кои се коментира изгледот на жената за сметка на нејзините квалификации, особено кога жената врши одредена јавна функција.
Кога завршив факултет и аплицирав на повеќе работни места, немаше интервју на кое не ми беше поставено прашањето дали и кога планирам бременост, што е крајно непрофесионално и навлегување во интима која не е ничија работа, освен моја. Тогаш бев збунета и моите одговори секогаш беа дека не знам или не планирам во скора иднина, но сега точно знам што би одговорила на такво прашање.
Јајчници или тестиси?
Таа или тој?
Дали полот одлучува со која брзина ќе се искачуваме по скалилото на успехот?
Имам ќерка, ми се исполни желбата да имам женско дете на овие простори каде што машките деца биле и сè уште се поголема радост (како да не е радост секое раѓање на нов живот), затоа што со нив нема да згасне семејното презиме, за разлика од женските деца кои си одат од домот и се бесполезни.
Мојата ќерка има две презимиња, моето и на татко ѝ. Не сум оптоварена со тоа дали на 18 ќе ѝ биде смачено од две, па ќе се одлучи само за едно (за да не звучи како да е од шпанска серија), а уште помалку сум оптоварена дали кога (ако) се омажи, ќе го земе презимето на сопругот без да ги задржи нашите. Она што ме загрижува е дали ќе успее во светот кој станува сè повеќе суров да си го задржи своето ЈАС, да си остане своја и доследна на себе, да знае да каже САКАМ, НЕ САКАМ, НЕ, ДОСТА, да се избори за она во што верува и за она што го сака.
Моите, а и јајчниците на секоја жена, вредат исто колку и било чии тестиси. Или како што би рекле на западот „местото на жената е во Домот… и Сенатот“.
Жените кои ги знам
Жените кои ги знам
Во ничија сенка не се кријат
Ниту пак помош бараат
Кога плеќите од тежина им крцкаат
Оти низ животот учени биле
Секогаш главите угоре да им се
Со насмев наместо солзи
И благост во погледот
Збор во шеќер прав извалкан
Наместо слатко и вода послужено
Дури и тогаш кога гостинот арамија е
Жените кои ги знам
Своја сенка имаат
И колку и кревки да се
Знаат под неа да те сместат
За душа да собериш
И коски да си одмориш
Додека тие над тебе бдејат
За да те сочуваат од самиот себе
Дути и тогаш кога огледалото
Од тебе напукнато се сокрива
Жените кои ги знам
Па дури и оние кои не ги познавам
Но чија душа во мојата се пресликала
Или мојава раскажала приказна
Која во нивните души се ткаела
Без збор да си размениме
И без ликовите да сме си ги виделе
Ете тие жени големи сенки имаат
Како стогодишни дрва разгранети
Под кои живот се зачнува
А потем чедо мило се раѓа
Дур наречници думи редат
Жените кои ги знам
Се жените со кои зборувам
Без збор да изустам
Со кои не се гледам
А сите маки сме си ги виделе
И во срцата сме си ѕирнале
Мелем на лузните сме си ставале
И приспивна една за друга сме пееле
Оти жените кои знам
Се жени чии сенки како куќи се
Кои напати до темел ги рушеле
И себе под темели се закопувале
За од рушевини повторно дом направат
И сенките да си ги изградат
Простум да стојат со векови
Без да остарат ниту ден
Без бол и страв
Оти нема похрабри жени
Од оние кои ги знам
Жените со сенка толку голема
Под која љубовта живее
Под која љубовта вирее