Здравствените стручњаци советуваат како да се заштитите од коронавирусот кога сте во маркет или во трговски центар, а откриваат и колку време треба да потрошите во продавницата за безбедно да купите сè што ви треба.

Линзи Мар, доктор на науки за аеросоли во „Вирџинија тех“ вели дека половина час е вистинското време за да ја направите набавката. За половина час ќе стасате да го направите она што треба, а без притоа да ризикувате.

Мајкл Остерхолм, член на советничката група за коронавируси на новоизбраниот претседател на САД, се согласува со тоа и додава дека времето на изложување на вирусот е навистина важно.
Мар советува да направите список за шопинг, да носите маска и да не го допирате лицето, како и да држите дистанца. Напоменува и дека временскиот рок од 30 минути не се заснова на одредена студија, туку на работата на експертите за вентилација и другите научници што го анализирале ширењето на вирусот.

Мар советува да избегнувате одење во продавница во време кога има најголеми метежи за да го ограничите контактот со другите луѓе. Не се препорачува да одите во продавница во сабота од 12 до 15 часот, бидејќи податоците на Гугл мапс покажаа дека тогаш најмногу луѓе одат во шопинг. Најмалку метеж во продавниците има во понеделник во 8 часот.

Мар наведува дека не е потребно да ја дезинфицирате количката за купување, туку само да внимавате да не го допирате лицето. Не е потребно да носите ниту ракавици, доволно е да ги измиете рацете веднаш откако ќе завршите со купувањето. Се препорачува бесконтактно плаќање, а можете да понесете и сопствена торба за намирници.

На почетокот на пандемијата, многумина ги бришеа и намирицните, плашејќи се од заразата со коронавирусот. Сепак, научниците утврдиле дека шансата да се заразат на овој начин е многу мала. Мар напоменува дека дури и ако заразено лице ги допрело намирниците што сте ги купиле, сепак вашите раце се оние кои претставуваат поголем ризик за пренесување. Токму поради тоа таа напоменува дека миењето на рацете е клучно за да се заштитите.