Драмата околу Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД – Скопје не стивнува.
Владата предложи нови имиња за прв и втор директор, а Основното јавно обвинителство отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај. Синдикатот на контролори на летање од пред Нова година постојано предупрадуваше на, како што велеа, „притисок врз вработените“ и „непрофесионализам“, барајќи да се заштити „интегритетот на професијата“.
Додека траат овие превирања, „Пари“ направи анализа на финансиските резултати на Друштвото во кое секој сака да работи. М-НАВ досега објави три квартални извештаи, заклучно со септември 2023 година. Во првиот квартал Друштвото остварило сметководствена загуба од 372.000 евра, во вториот квартал имало бруто добивка од 1,76 милиони евра, а во третиот квартал дури 3,7 милиони евра. Или, до септември позитивниот финансиски резултат е околу 5 милиони евра. Креаторите на финансиските извештаи особено истакнуваат дека третиот квартал бил подобар и од очекуваното.
„Следејќи го трендот на претходното тримесечје, сообраќајот и третото тримесечје во 2023 година бележи пораст надминувајќи го оптимистичкото позитивно сценарио на Eurocontrol. Со оглед на фактот дека овие три месеци ја претставуваат летната сезона во која секако бележиме зголемен сообраќај, може да се констатира дека ова тримесечје е со зголемување од 15,1% во однос на 2022 година, што го надминува европскиот просек. Генерално, поради развојот на гео-политичките случувања во Европа, како и поради сатурацијата на западноевропскиот дел на рутната мрежа за воздушен сообраќај, земјите кои припаѓаат на југоисточна Европа имаат значителен пораст на сообраќајот во овие три месеци, надминувајќи го дури и оптимистичкото сценарио на Eurocontrol“, пишува во тримесечниот извештај.
Целата анализа на Pari.com.mk