„Ковачевски ја откри топлата вода, со доцнење од 6 месеци, браво и честитки! Тој само не спомна дека Владата и нејзините министри се активно вклучени во ова сценарио Македонија сама да си стави вето“, напиша на социјалната мрежа Facebook активистот за правата на македонските Бугари Петар Колев, како коментар на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека во моментот РСМ сама си става вето на патот кон ЕУ, пренесува Трибуна.

Колев во својот пост на фејсбук потсетува токму во времето на владеењето на владата предводена од СДСМ се случиле сериозни провокации насочени кон Софија.

„Да не заборавиме дека за време на оваа влада Васил Гарванлиев, нашиот евровизиски претставник, беше подложен на тотален јавен линч и говор на омраза, дека за време на оваа влада се палеа и се пукаше кон бугарските клубови, дека Христијан Пендиков беше тепан поради етничка омраза. Да не го заборавиме фактот дека за време на оваа власт историската комисија не напредна ниту еден чекор, а говорот на омраза во јавниот простор е феномен, кој институциите во Македонија ниту го гледаат ниту го слушаат и пред се не го санкционираат“, пишува Колев.