Претседателот на ГДУ, Петар Колев, денес преку отворено писмо му постави неколку прашања на директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, во врска со пописот во РСМ кој трае до 30 септември.
Ви го пренесуваме писмото во целост:
„Почитуван г. Симовски,
Се обраќам кон Вас, како прв човек на институцијата која го спроведува и носи полна одговорност за успешноста, но и веродостојноста на Попис 2021 година.
Во последниот период од време зачестуваат реакции на граѓани кои споделуваат и во јавност, сигнализираат и кон нас, но и кон Вас, се обраќаат со писма и мејлови за нерегуларностите кои се дел од оваа статистичка операција.
Веќе неколку сигнали од граѓани потврдуваат дека поради брзање, неискуство или можеби поради друга причина, попишувачите го пропуштаат или погрешно го внесуваат податокот од изјавата за национална припадност и мајчин јазик.
Не би сакал да навлегувам во содржината и поводот за таквите нерегуларности, но сум должен да се обратам кон Вас пред се како граѓанин кој има желба оваа статистичка операција да заврши успешно, демократски, но и транспарентно.
Затоа би сакал да ве запрашам и се надевам дека ќе добијам јасен и конкретен одговор на прашањата кои што следат, со јасна цел граѓаните да имаат директен увид во процесот, полна транспарентност и професионалност на институцијата која ја раководите и се разбира контрола на личните податоци од страна на граѓаните кои ги користите, како и јасна гаранција, контрола и почитување на основното човеково право, правото на самоопределување.
1.Дали попишувачите ангажирани од вашата институција ќе сносат одговорност за некоректното и непрофесионално внесување на податоци на граѓаните, ако се укаже дека во процесот на внесување, добиле една изјава, а внесле во системот друга информација?
2.Дали граѓаните ќе имаат можност после завршување на пописот да се обратат до вашата институција со цел транспарентност, но и гаранција на основното човеково право, правото на самоопределување, и да побараат официјална информација како се внесени нивните лични податоци во системот и дали одговараат на нивната изјава дадена по време на анкетата извршена од попишувачите ангажирани од вашата институција?
3.Доколку се укаже дека има разминување во дадената изјава и внесените податоци, каква е правната постапка со која граѓаните ќе можат да го заштитат своето право на самоопределување, кое впрочем е гарантирано и со Уставот на Република Северна Македонија?
Со оглед на времето, но и динамиката на процесите очекувам од Вас како прв човек на ДЗС јасни и конкретни одговори, кои би биле јасен сигнал за Вашата лична желба, но и професионална заложба за еден фер, демократски, но и правично спроведен попис.
Недобивањето на одговор на овие прашања, во мене, но и во многу граѓани, ќе создаде сомнеж, односно целата статистичка операција, како и јасен сигнал за можен инжинеринг.“