Коледарчиња од Кавадарци ја испочитуваа традицијата за денешниот верски празник Бадник. Тие ги посетуваат домовите на кавадарчани и со христијанска песна  го најавуваат Христовото раѓање пред утрешниот Божиќ, а домаќините ги даруваат со подароци.

Традицијата ја испочитуваа и учениците во второ одделение од Основното општинско училиште „Страшо Пинџур”, кои организирано,  заедно со своите наставнички Стефка Саздовска и Дијана Бојкова, го посетија верскиот храм „Света  Петка“ во Кавадарци.

– Во деновите кога коледарчињата го исполнуваат воздухот со радост и веселост, кога звукот на црковните ѕвона одекнува насекаде и кога море од молитви се упатуваат кон небото, нашите ученици, како вистински коледарчиња, со своите торбички и шарените коледарски стапчиња, го посетија овој храм. Тука тие се запознаа со традицијата на одбележувањето на овој голем христијански празник, бидејќи традицијата се вкоренува уште од мали нозе. Ние сите заедно  посакуваме весел и благословен Божиќ, рече наставничката Саздовска.

Во црквите во Кавадарци денеска се одржаа пригодни богослужби и се делеа бадникарски гранчиња.