Утре 31 општински советници во Тетово ќе ги добијат уверенијата. Она што досега е познато е дека за да се формира мнозинство од 16 советници, новиот градоначалник Биљал Касами треба да коалицира со четири политички партии.

Совет на општина Тетово:

-ДУИ – 10 советници

-Движење Беса – 8 советници

-ВМРО-ДПМНЕ – 5 советници

-АА/ААА – 3 советници

-ДПА – 2 советници

-СДСМ – 2 советници

-„Подобро за Тетово“ – 2 советници

Во „Клик Плус“ Касами рече дека очекува мнозинството во Советот да го формира со партиите кои му укажале поддршка во вториот круг од локалните избори.

„Во моментов немаме формализирано некое мнозинство, но според она кои партии нѐ поддржаа, нѐ поддржа Алијанса за Албанците, нѐ поддржа независната листа, а отворено нѐ поддржа и ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Биљал Касами.

Новиот градоначалник на Тетово, вели дека нема обврска да ја дели власта со останатите, но додава дека може да има кадар и од други партии кои би биле назначени во некое претпријатие или управа.

„Немам обврска кон никого за да управувам со Тетово. Мојата единствена обврска е кон тетовци, но тоа не значи дека утре на чело на некој сектор нема да биде некој експонент на Движење Беса, од некоја друга партија“, додава Биљал Касами.

ТВ21 стапи во контакт со сите советници од партиите и независните листи. Од ДУИ, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДПА не коментираа ништо, само рекоа дека сѐ уште е рано и дека не добиле никаква понуда од Касами.

Хамди Сулејмани од Иницијативата „Подобро за Тетово“ во телефонски разговор кусо ни рече дека нема никаков договор со Касами околу поделба на власта. Музафер Етеми пак, претседател на огранокот на Алијанса во Тетово, вели дека тие ќе се придржуваат на нивната програма.

„Мислам дека за јавноста е позната поддршката што ја дадовме на изборите во последниот круг. Ние како партија ќе постапуваме согласно нашата програмска определба, а околу тоа како ќе се одвиваат работите во иднина, постојано ќе бидете информирани“, посочи Музафер Етеми.

Во текот на мандатот на Теута Арифи, мнозинството во Советот на општина Тетово беше составено од коалицијата ДУИ-ДПА-СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Беса беа во опозиција.

Општинскиот секретар беше кадар на СДСМ, функција која, како што рече синоќа Касами, може да ѝ ја понуди на ВМРО-ДПМНЕ.