Српскиот државјанин Д. В. (54) беше уапсен во Италија откако полицијата откри 110 килограми кокаин со висока чистота во кабината на неговиот камион. Вредноста на запленетата дрога се проценува на околу 10 милиони евра, а возачот, како што објавија локалните медиуми, бил запрен поради неисправно светло на возилото за време на рутинска проверка, пишува Nova.rs.
Италијанската полиција вршела рутинска сообраќајна контрола во областа Лисерт кога забележала камион со неисправно светло. Му сигнализирале да застане, но возачот ја игнорирал наредбата и продолжил да вози. Полицијата успеала да го запре непосредно пред границата со Словенија.
При детален преглед на возилото, полицајците пронашле три големи патни торби во кабината на возачот. Тие содржеле вкупно 100 пакувања кокаин со висока чистота, со тежина од 110 килограми. Според истражителите, вредноста на запленетата дрога е околу 10 милиони евра, додека нејзината улична вредност, по мешањето со други супстанции, би можела да достигне 20 милиони евра.
Според официјалната документација, камионот транспортирал керамички плочки од Шпанија во Србија. Италијанските власти забележуваат дека Шпанија се смета за една од главните влезни точки за кокаин што пристигнува во Европа од Јужна Америка.
Истражителите истакнуваат дека начинот на кој била транспортирана дрогата укажува на директна вмешаност на возачот, со оглед на тоа што кокаинот не бил скриен во товарниот простор, туку бил во кеси во кабината.
Возачот моментално е во притвор во Трст, а според достапните информации, досега не е кривично регистриран.
Случајот го презеде Дирекцијата за борба против мафијата (DDA) во Трст, чија главна цел е да ја разоткрие целата мрежа за дистрибуција на дрога и да ја утврди крајната дестинација на запленетиот кокаин.
фото/депозитфотос
Текстот Кокаин вреден 10 милиони евра пронајден во камион на српски возач во Италија е превземен од МАКФАКС.























