Симптомите на заразниот британски вид на коронавирус се нешто поразлични од претходно доминантната варијанта, покажа студијата на британското Национално биро за статистика.
Се чини дека симптомите на ковид-19 како кашлица, болка во грлото и болки во мускулите се почести кај лицата кои се заразени со мутираниот сој на коронавирус, кој првпат беше идентификуван во Велика Британија, укажува британското истражување.
Губењето на сетилата за мирис и вкус – „заштитен знак“ на заразата со основниот вид коронавирус, е нешто поретко кај заразата со таканаречената варијанта Б.1.1.7, но, незначајно.
Кашлицата, заморот, болката во мускулите и болките во грлото се почести кај оваа верзија на вирусот.
Главоболката, отежнатото дишење, проливот и повраќањето и натаму се чести и слични симптоми и за двата соја на новиот коронавирус.
Според досегашните истражувања, новиот британски сој на коронавирус е позаразен и создава поголемо вирусно оптоварување, што би можело да доведе до поширока распространетост на инфекцијата во телото и може да ја објасни поголемата зачестеност на кашлицата, болките во мускулите и заморот кај луѓето кои се инфицирани со овој нов сој.
Некои од новите промени во различните делови на вирусот, може да влијаат на имунолошкиот одговор на телото, а исто така, влијаат на распонот на симптомите поврзани со инфекцијата, истакнуваат експертите.
Студијата ги разгледала податоците од случајно избрани 6.000 луѓе, кои биле позитивни на коронавирус.