Франција е втурната во период на длабока политичка несигурност откако пратениците гласаа за смена на премиерот Мишел Барние и неговата влада.

Главната причина е противењето на неговите фискални планови за 2025 година, кои беа насочени кон намалување на францускиот дефицит, но ниту левицата ниту екстремната десница не беа задоволни со тој план. Сега постои закана Франција да влезе во новата година без влада и нов буџет.

Францускиот претседател Емануел Макрон мора да одлучи што да прави. Според извори блиски до него, можно е тој брзо да назначи нов премиер, уште пред церемонијата на повторното отворање на катедралата Нотр Дам, на која треба да присуствува и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.

Сепак, секој нов премиер ќе се соочи со истите предизвици како Барние во обидот да усвои законодавство, вклучително и буџетот за 2025 година, во парламентот кој останува поделен. Нови парламентарни избори не се можни пред јули.

Една од опциите за Макрон е да попушти пред барањата на крајната десница за буџет, што ќе му овозможи да назначи премиер кој би можел да формира влада и да донесе буџет пред крајот на годината. Но, тоа би значело напуштање на целта за намалување на буџетскиот дефицит.

Алтернативно, Макрон би можел да побара од Барние да остане на чело на привремената техничка влада, која би водела секојдневни операции и би купувала време за да најде премиер со доволно меѓупартиска поддршка. Техничката влада би можела да предложи итна легислатива што ќе ги заобиколи ограничувањата на трошоците и даночните одредби за 2024 година. Исто така, Макрон би можел да се обиде да го донесе буџетот за 2025 година со декрет, иако тоа би било правно сомнително и може да предизвика дополнителни политички турбуленции.

Ризикот за Макрон е дека неговите политички противници ќе продолжат да гласаат против секој нов премиер, до веројатните нови парламентарни избори. Дел од неговите ривали, исто така, велат дека единствениот значаен начин да се стави крај на политичката криза е тој да поднесе оставка, но Макрон инсистира на тоа дека ќе го заврши својот мандат во 2027 година.

Според последните најави, Макрон утре вечер ќе има телевизиско обраќање кон нацијата

Француските пратеници и изгласаа недоверба на владата со 331 глас, при што левицата и крајната десница се обединија за соборување на премиерот Мишел Барние и владата.