Во просториите на Друштвото на писателите на Македонија утре, 25 април, со почеток во 19 часот ќе се одржува трибината „Кои се правата на писателите?“.

На трибината ќе учествуваат познатите автори, членови на Друштвото на писателите на Македонија: Делвина Крлуку, Блаже Миневски, Билјана Црвенковска, Игор Станојоски и Петар Андоновски. Модератор ќе биде претседателот на ДПМ, Живко Грозданоски.

„Авторските права се нешто за што ретко се разговара, особено во книжевниот свет во Македонија, иако тие ги засегаат сите чинители во областа на издаваштвото, а најмногу писателите, преведувачите, илустраторите, и секако – издавачите.

Што значи сопственост на авторски права? Кога, како и под кои услови таа се отстапува на издавачи или на агенти? Како се вреднуваат авторските права и колкава треба да биде висината на авторскиот хонорар при издавање на едно дело? Како се проценува авторскиот хонорар од страна на издавачот и како се проценува од страна на Министерството за култура и туризам кога се работи за конкурсите за поддршка на дела од национален интерес? На кои начини авторите да се запознаат подобро со овие проблеми и како да се изборат за фер и транспарентен однос? Најпосле, која е улогата на Друштвото на писателите на Македонија во овој контекст?“, се наведува во соопштението на ДПМ.