Додека ВМРО-ДПМНЕ најавува ново парламентарно мнозинство, од ДУИ велат дека мнозинството е стабилно и дека ќе се зголеми по вториот круг на локалните избори. Не откривајќи детали, Бујар Османи од редовите на Интегративците, рече дека на Владата ќе и се приклучат уште неколку пратеници.

„Веднаш по изборите, владината коалиција ќе се прошири и со други пратеници кои го поддржуваат овој прогресивен курс на земјата меѓутоа не можам да откријам детали уште неколку дена“, истакнува Бујар Османи.

Од друга страна, по позитивниот резултат на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски вели дека граѓаните сакаат ново парламентарно мнозинство и дека тоа ќе се случи.

Од Движење Беса и од ДПА денеска излегоа  со партиски соопштенија дека остануваат дел од владината коалиција и дека мнозинството е стабилно. Од партијата на Касами пишуваат “владината коалиција е стабилна, независно од фактот што на повеќе  места во вториот круг   си конкурираме едни на други“. Од партијата на Мендух Тачи пишуваат “ДПА и натаму ќе биде дел од оваа влада, давајќи  го својот скромен  придонес  за  благосостојбата на граѓаните, процесот на реформите и интегративниот процес на земјава во ЕУ“.