Пандемијата на коронавирусот ги погоди фудбалските екипи кои во летниот преоден рок почесто позајмуваа и носеа фудбалери на кои им истекоа договорите, а слично сценарио се очекува и во зимскиот преоден рок кој започна пред четири дена.

Јануари вообичаено е потивок кога станува збор за трансферите, но сигурно е дека поголем дел од екипите ќе бидат активни на трансфер пазарот, а за очекување е неколку фудбалери да бидат меѓу најбараните во зимскиот преоден рок.

На врвот на листата на најбарани фудбалери е Кристијан Ериксен од Интер. Иако од Тотенхем си замина со епитет на еден од најдобрите фудбалери од средниот ред во Премиер лигата, заминувањето во Интер и Серија А се покажа како тотално промашување.

EPA-EFE/RICCARDO ANTIMIANI

Данецот воопшто не се наоѓа во плановите на тренерот Антонио Конте и сезонава одигра само осум натпревари на кои најчесто влегуваше од клупата за резервни играчи. Интер го плати Ериксен нешто помалку од 20 милиони евра, а сака да го продаде за најмалку 30 милиони, но ниту една екипа не е подготвена да плати толкава сума. Во игра е позајмица, а најзагреани се екипите на ПСЖ и на Арсенал, но нема да изненадување доколку данскиот репрезентативец заврши во Манчестер јунајтед или Борусија Дортмунд.

Озан Кабак/EPA-EFE/RONALD WITTEK

Меѓу најбараните ќе биде и дефанзивецот на Шалке, Озан Кабак чија вредност изнесува 25 милиони евра. Екипата на Шалке се наоѓа во големи финансиски проблеми, а не им цветаат розите и на резултатски план, поранешниот германски шампион е на добар пат да испадне од Бундеслигата, поради што се поизвесна е продажбата на Кабак кој е единствена светла точка. Во трка за потписот со Кабак се наоѓаат екипите на Ливерпул, Арсенак, Лајпциг, Манчестер јунајтед и Милан кој засега е фаворит за негов ангажман.

Меѓу најбараните во зимскиот преоден рок се очекува да биде и фудбалерот на Олимпик Лион, Хусем Ауар. Ауар изрази желба да го напушти францускиот фудбал и да се пресели во посилна лига, а најголем фаворит е Арсенал кој минатото лето се обидуваше да го договори неговиот трансфер. Освен Арсенал во игра се и Барселона, Јувентус, Реал Мадрид и ПСЖ.

Денис Закарија од Борусија Менхенгладбах беше меѓу најбараните играчи од Бундеслигата минатата година, а се чини дека истото ќе се случи и во зимскиот преоден рок. Менхенгладбах е подготвен да го продаде швајцарскиот репрезентативец доколку некоја екипа плати 30 милиони евра. Закарија се наоѓа на радарот на Челси, Милан, Баерн Минхен, Манчестер сити и Манчестер јунајтед.

Иско по враќањето на Зинедин Зидан на клупата на Реал Мадрид падна во втор план и се очекува да биде една од ѕвездите овј преоден рок. Реал го проценува фудбалерот кој 2013 година пристигна на „Сантијаго Бернабеу“ на 20 милиони евра, лесно може да се случи шпанскиот репрезентативец да заврши во Арсенал, Манчестер сити, Интер, Тотенхем, ПСЖ или Евертон кои пројавија интерес за него.

Капитенот на Аталанта, Папу Гомез преку ноќ се најде на трансфер листата откако се искара со тренерот Џанпјеро Гасперини. Сериозен интерес за Гомез пројавуваат Рома, Милан, Интер и Ал-Наср.

Осман Дембеле заедно со Фелипе Кутињо се најголемите промашувања во историјата на Барселона. Каталонците пред нешто повеќе од три години платија 105 милиони евра за Дембеле, а сега планираат да го испратат на позајмица. Екипи кои се заинтересирани за Дембеле се Манчестер јунајтед, Арсенал, Ливепрул и неговиот стар клуб Борусија Дортмунд.

Најскапиот голман во светот, Кепа Аризабалага веќе е закован на клупата на Челси поради преголемиот број на киксеви откако пристигна на „Стемфорд бриџ“. Во Челси не можеа да ги трпат неговите испади но и киксеви и минатото лето го купија Едуард Менди од Рен, додека Кепа го ставија на трансфер листата. Бидејќи ниту една екипа не сакаше да го купи или земе на позајмица пред почетокот на сезоната, Челси ќе се обиде да го стори истото во зимскиот преоден рок, а како можни дестинации се споменуваат Валенсија и Севиља.

Со доаѓањето на Жозе Мурињо на клупата на Тотенхем, еден од најдобрите фудбалери на екипата Деле Али се пресели на клупата и најверотно зимово ќе си замине од тимот. За него се интересираат Евертон, Ренџерс но и ПСЖ.

Меѓу фудбалерите на кои договорот им истекува идното лето и од 1. јануари имаат право да преговараат со заинтересирани екипи, најзвучни се имињата на Лионел Меси, Пауло Дибала, Џанлуиџи Донарума, Серхио Рамос, но речиси е невозможно тие да си заминат во јануари, односно ќе ја завршат сезоната во екипите во кои настапуваат.