Ливерпул вчера беше поразен на „Енфилд“ од Челси со 1:0 и се чини дека не се гледа крајот на големата криза на актуелниот шампион на Англија.

„Црвените“ се само седми на табелата со 43 бода, а поразот од Челзи е петти последователен натпревар на домашен терен на Ливерпул и тоа се случи за прв пат во историјата на клубот.

Манчестер Сити полека го отвора шампањот, се поблиску е до титулата, но Јирген Клоп каков што е – не се предава.

„Индивидуалната акција на Мејсон Маунт реши сè. Самата игра беше изедначена и интензивна. Имавме повеќе шанси, Мане имаше одлична можност, имаше многу други моменти кога не успеавме да постигнеме гол. Примивме гол, погрешивме. Со поседот што го имавме мораше да создаваме повеќе шанси. Ова е сериозен удар, но сè уште не е завршено“, рече Клоп.

Очигледно, за „црвените“ сега ќе бидат најважна Лигата на шампионите, а тие се на чекор од четвртфиналето откако во првиот осминафинален меч го совладаа германски Лајпциг со 2:0.