Меѓу 124-те надзори, од кои 28 вонредни во последните 23 дена, вработените во Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) влегоа и во некои фабрички погони, па дури за една од нив е предложена парична казна од 20 илјади евра.
Контрола на штетните емисии беше направена во погоните во Железарница во Скопје, како и во фабриката за хартија „Пејпер мил“ во Кочани. Од овие извршени контроли, за речиси половината се изречени конкретни мерки – 47 решенија за отстранување недостатоци, две прекршочни пријави, две забрани за горење отпад, еден записник за порамнување и предлози за три казни.
Предлог за најголема казна во износ од 20.000 евра е даден за фабриката за „Пејпер мил“ откако резултатите од мерењата на нивните емисии во воздухот биле над дозволените граници. Според директорката на Инспекторатот, Ана Петровска, во првиот вонреден надзор што го спроведе ДИЖС на 20 ноември извршени се мерења на ПМ-честички и отпадни гасови во „Пејпер мил“ и утврдено е дека емисиите на прав и јаглероден моноксид се над дозволените вредности.
– Ги задолживме да го сменат горивото од пелети на метан за да не загадуваат. Во меѓувреме, тие инсталираа опрема за озонирање со цел намалување на јаглеродниот моноксид и извршија корекции на воденото отпрашување, со цел намалување на ПМ-честичките. Откако ги направија овие измени, следуваше тестирање на еколошкиот процес и ново мерење на емисиите во присуство на инспектор. Резултатите повторно беа над дозволените граници – информираше вчера Петровска.
Инспекторатот ја задолжи „Пејпер мил“ мерењата да бидат од акредитирана лабораторија, и тоа еднаш неделно. За да се реши трајно проблемот со ПМ честичките, „Пејпер мил“ во рок од два месеца треба да вгради филтер, посочи Петровска.
Во Скопје при координиран дводневен надзор на околу 40 инсталации во кругот на Железарницата, утврдено е дека повеќе инсталации работат без елаборат за заштита на животната средина и биле задолжени во законски рок да ги изработат. Направен е и вонреден вечерен надзор во „Макстил“ со мерења на прав од страна на централната лабораторија за животна средина што е прва ваква соработка меѓу институциите. Во текот на оваа недела, ќе бидат готови резултатите.
Во делот на заштитата на водите и природата, бил урнат изграден насип преку реката Сатеска за премин на камиони, со кој се попречува природниот тек на реката и таа се излевала во околината. По интервенцијата, Сатеска е вратена во своето корито. Во Тетово при координиран надзор на повеќе помали загадувачи било откриено горење иверка и остатоци од производство на столарија и мебел, за што се изречени две забрани за горење отпад.