Пишува: Мефаил Исмаили

Во моментите на најголемата болка на целиот народ, државата, семејствата на жртвите и повредените во Кочани, не успеавме да останеме достојни, да покажеме солидарност со дела и со душа, туку се солидаризиравме само со зборови. Колку сурово!

Не успеавме да бидеме достојни ни само 4 дена, до денот на погребот, и додека глумевме дека ни боли душата и сме покрај сите семејства и блиски на жртвите и повредените, се обидовме да направиме медиумски циркус, глумејќи новинари, играјќи ја улогата на медиуми, правејќи се одговорни и „херои“!

Но, што направивме во реалноста?!
Споделивме толку многу „вести“ и дезинформации, со кои дополнително ја храневме огорченоста на граѓаните, ја зголемивме болката на семејствата, предизвикавме уште поголемо разочарување кај сите.
Дури, во име на „извори на информации“, ширевме и страв за наводна подготовка на меѓуетнички тензии и слични инциденти. И колку повеќе ова се повторуваше, толку повеќе ме убедуваше дека оние што наводно се „загрижени“ за инциденти, се токму тие што ги посакуваат и ги поттикнуваат.

Но, ако се имаше малку човечност во себе, ќе се сетевме дека во трите претходни трагедии, воопшто не доаѓаше во обзир поттикнување инциденти, туку се докажа солидарноста и поддршката, како што се докажа за Кочани!

Да кажам кратко, во целата оваа голема трагедија, многумина од нас покажаа дека се бесчувствителни, арогантни и бездушни! Слаби луѓе, дури и сурови, кои дури и во вакви големи трагедии, во фокусот ја имаат личната внимателност, кликовите и интересите на само неколку индивидуи!

Од вчера, 59 млади животи се преселија во нивното вечно почивалиште! Стотици нивни семејства носат вечни рани.

Еве од денес, продолжете да ја барате вистината, но не злоупотребувајќи ги чувствата и болката на мајките, татковците, браќата, сестрите и најблиските на жртвите! Не во служба на тесните интереси на одредени индивидуи, туку само во интерес на вистината, државата и подобрата иднина за сите!

Но, знам зошто не можете да го разберете конкретно ова! Затоа што огнот гори таму каде што му е жариштето, а не каде што оди чадот! Без разлика на сè, посакувам никој никогаш да не биде ставен на вакво искушение!

Кочани! Уште една рана што никогаш нема да закрепне!