Пишува: Рамадан Рамадани

Кочани и изгубените животи во шупата ќе бидат долго запаметени во историјата на Македонија. Но, многу е веројатно дека ќе бидат одредница за нејзин нов почеток на државноста. Не ја спомнавме тагата оти за неа е се уште рано. Ние уште не го знаеме вкупниот број и идентитет на сите жрви. Тек ќе го дознаеме и тек долго ќе тагуваме оти ова е голема загуба и повеќеслојна. Затоа не очекувајте тие кои не ја разбрале големината и повеќеслојната загуба да ни кажуваат колку, кога и како да тагуваме. Само знајте дека е рано за тага и доцна за отпор кон сите шупи кои не убиваат! Отпорот требаше уште одамна да почне. Не дека го немало во Македонија и претходно во разно разни иницијативи, гневови и револуции и луѓето не застанувале храбро и достоинствено во одбрана на својот живот, чест и иметок ама од фактот дека тоа не се крунисало со вистинска промена и нов почеток уште повеќе ги одалечувало луѓето од својата земја. Така на пола оставени револуции не ги јаделе своите деца туку се јаделе себеси.

Сега има неколку предиспозиции зошто овој пат тоа нема да биде така и има можност отпорот да вроди со нова Македонија и вистинска промена, но првото од тоа е дека ова е голема загуба и повеќеслојна.

  1. Во шупата во Кочани се изгубени многу млади животи скоро цела генерација на деца во тоа мало место, деца за чија иднина родителите мислеле дека треба да заминат од ова земја или тие самите да ги испратат. Сега ги немаат нив а ја имаат никогаш преболената тага за нив што е личен влог во тоа да бидат лидери на отпорот како што се лидери на ова голема тага.
  2. Во шупата во Кочани имало концерт на една од најпопуларните музички групи и тоа било најголем културен настан таа ноќ и еден слој на загубата е дека таму починале видни мажи и жени од културата на ова земја.
  3. Пожарот во шупата се случил во иста ноќ кога во соседна земја се собрал милионски собир за отпор и промена на системот не само на владата, на кој собир политички и културно се восхитувал целиот тукашен народ. Сличноста не е во сразмерот на отпорот туку во тоа дека и во Србија почна од одговорност за еден трагичен случај и во ист контекст дека е насочен кон силен партиски естаблишмент при јалова опозиција.
  4. Барањето одговорност продолжува после години необедоленети трагедии со двоцифрени жтрви како автобусот на Дурмо-Турс во Ласкарце, на Беса Транс и Модуларната болница во Тетово.
  5. Отпорот ќе започне веднаш и со вклучување на другите два дела за Македонија цела а тоа се Албанците и Европа. Тие беа спомнати уште во првиот миг на трагедијата иако местото и идентитетот на жртвите не го изискуваа тоа. Сплотеноста во тага на Македонија цела и вклучувањето на Европска Унија а не само на поединечните членки и соседи во помошта е токму тоа.
  6. Првите изјави на големците од сите партии кои владееле и владеат со овој субсистем на функционирање на шупите покажаа дека всушност и тие се мали, ранливи и подготвени за вистинска промена.

Ова се показателите за тоа што следи овој пат: отпорот за вистинска промена. Македонија веќе не може да ја има вака знаејќи дека не ја бива. Таа ќе ја има само дека ќе ја биде.