Триесет и пет земји од таканаречената Коалиција на волните во вторникот ја поддржаа Париската декларација во која се детално опишани „силните безбедносни гаранции за цврст и траен мир“ во Украина, вклучително и распоредување на мултинационални сили по прекин на огнот, објави францускиот претседател Емануел Макрон.
Безбедносните гаранции што земјите од коалицијата, првенствено европските, планираат да ги обезбедат со поддршка од САД по евентуалното завршување на непријателствата „се клучни за да се обезбеди дека ниту еден мировен договор никогаш не може да значи предавање на Украина и дека ниту еден мировен договор никогаш не може да значи нова закана за Украина“ од Русија, изјави Макрон на прес-конференција.
Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски потпишаа политичка декларација што вклучува распоредување на мултинационални сили по прекин на огнот во Украина.
Претставници на 35-те земји-членки на Коалицијата на волните се собраа во вторникот во Париз за да разговараат за начините за одржување на мирот во Украина во случај на прекин на огнот. Зеленски зборуваше на состанокот, а учествуваа и американскиот претставник за преговори со Русија, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер, еден од преговарачите.
Зеленски по состанокот изјави дека сојузниците од Киев го дефинирале начинот на кој европските сили за одвраќање ќе дејствуваат во Украина по прекинот на огнот, како и кои земји ќе учествуваат во него.
Тој додаде и дека Украина водела конкретни разговори со САД за следење на прекинот на огнот и дека смета на наскоро потпишување на безбедносните гаранции.
Некои земји, исто така, веднаш по состанокот изјавија дека нема да испраќаат војници, вклучувајќи ја и Италија, додека Шпанија и Европската Унија изјавија дека имаат намера да го сторат тоа.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека ги информирала европските сојузници на Украина и американските претставници дека ја исклучува можноста за испраќање италијански копнени сили како дел од безбедносните гаранции во Киев во случај на прекин на огнот со Русија.
„Потврдувајќи ја италијанската поддршка за безбедноста на Украина, премиерката Мелони ги повтори клучните точки од ставот на италијанската влада, особено исклучувањето на можноста за распоредување италијански копнени сили“, објави нејзиниот кабинет во соопштение по состанокот.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека германските сили би можеле да учествуваат во меѓународните сили, но надвор од Украина.
Шпанија, од друга страна, објави дека ќе предложи учество на својата армија во консолидирањето на мирот во Украина по постигнувањето прекин на огнот, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез на прес-конференција во вторник по состанокот во Париз.
„Шпанската влада ќе предложи да ја отвориме вратата за воено учество во Украина“, рече Санчез, додавајќи дека ќе ја разговара можноста со главните политички партии во земјата.
Порака од Брисел
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во вторник изјави дека Европската унија е подготвена да го поддржи мировниот договор во Украина со цивилни и воени мисии на терен.
„Ќе помогнеме преку цивилните и воените мисии на Европската унија на терен. Украина мора да биде во најсилната можна позиција пред, за време и по какво било прекин на огнот“, рече Коста по состанокот со Зеленски во Париз, одржан како дел од самитот на коалицијата на волните.
Текстот Коалицијата на волните договори што по мирот во Украина е превземен од МАКФАКС.























