„Стравот на ова криминализирано раководство на ДУИ од кривичен прогон ги тера да си даваат автоголови. Не постои поголема манипулација од тоа врхушката на ДУИ да го обвинува ВЛЕН за одлуки на Уставен Суд, чиј состав е избран на предлог и со согласност на Али Ахмети.
Згора на тоа, иницијативата на Антикорупциска комисија за оспорување на вработувањата врз основа на Балансерот, односно по етничка припадност, е поднесена во време кога Нури Бајрами, баџанак на Талат Џафери е член на ДКСК. Ниту Артан Груби како тогашен Министер за политички систем и односи со заедниците не сакал да достави аргументи до Антикорупциската комисија за вработувањата на Албанците во администрацијата.
Значи, директен виновник за актуелната состојба со Балансерот се Артан Груби, Талат Џафери и Али Ахмети. Одлуката на овој состав на Уставен Суд оди на совеста на ова криминализирано раководство на ДУИ, кое во обид да се спаси од кривичен прогон за коруптивните зделки на поранешните функционери, очајно се обидува да предизвика меѓуетнички тензии лажно преставувајќи се како наводен спасител на Албанците.
Се удираат со свој камен по главата. Се служат со приземни манипулации дека Албанците се институционализирани само кога криминалците од ДУИ се власт. Јавно прашуваме, има ли дно кое не може да пробиете? Како не ви е срам и арам до толку да го потценувате сопствениот народ? Зарем мислите дека Албанците за 80 дена од формирањето на новата Влада ќе ви ги простат гревовите и грабежот што им го направивте? Уште еднаш повторуваме, Коалицијата ВЛЕН е гаранција дека срамната одлука на Уставниот Суд за замрзнување на употребата на Балансерот нема да спречи вработување на Албанците во јавната администрација, бидејќи тоа е загарантирана Уставна категорија која произлегува од Охридскиот Рамковен договор.
Досегашните злоупотреби на Балансерот со изјаснување на Македонци како Албанци за да се вработат по партиски клуч, ВЛЕН ќе го реши со Закон за правична застапеност, кој системски ќе им овозможи на Албанците вработувања во органите на државна управа врз основа на професионалност, а не заради партиска припадност. А ова криминализирано раководство на ДУИ ќе се соочи со правдата, и се додека не си замине од политиката и престане да ги држи во заложништво чесните партиски членови и симпатизери, само ќе продолжи да ја губи довербата на народот“, се вели во соопштението на Коалиција „Вреди“.