Централниот одбор на Либерално-демократската партија донесе одлука партијата на следните локални избори, кои треба да се одржат во 2021 година, да настапи самостојно.
– Синоќа Централниот одбор донесе конечна одлука, но како партија ја оставивме отворена можноста за коалиција со други партии, здруженија на граѓани но и поединци кои имаат сродни програмски и политички определби со ЛДП, рече претседателот на партијата Горан Милевски.
За време на состанокот ЦО на ЛДП ги овласти претседателот и генералниот секретар во следниот период да ги преземат сите неопходни мерки во насока на подготовка на партијата за успешен настап на локалните избори.
Претходно, одлуката за самостоен настап ја поддржаа членовите на Извршниот одбор на ЛДП, како и на Централните одбори на Форумот на жени и на Либерално-демократската младина.
Претходно и Демократски сојуз на Павле Трајанов донесе иста одлука, а двете партии се во владина коалиција со СДСМ.