ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците велат дека се на добар пат кон финализација на можен договор за коалиција за локалните избори, но ниту едната ниту другата не откриваат детали. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски вели дека чекаат да прецизираат неколку работи и потоа да излезат со детали.
Не се знае дали двете партии ќе си помагаат и во првиот и во вториот круг ниту во кои општини, но според тоа што го изјави Мисајловски, се очекува АА да и даде поддршка на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје.
Генералниот секретар на АА, Арбен Таравари вчера рече дека за Скопје се уште немаат став, но дека целта на коалицијата е да си помогнат во општините каде што ќе им биде потребно на трите партии.
„За Скопје се уште немаме некој став, меѓутоа доколку се прави соработка, се разбира дедка таа соработка ќе се прави за повеќето општини каде ние како партии имаме интерес, значи заедно, АА, Алтернатива и ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Арбен Таравари.
Можната тројна коалиција ја коментираше Движење Беса. Во статус на Фејсбук, Фадиљ Зендели напиша дека меѓу коалициите Беса –СДСМ и АА-ААА-ВМРО-ДПМНЕ има разлика.
„Политичките партии како ДУИ или АА, трчаат по вратите на македонските партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за да обезбедат мандати во општините. Разликата меѓу нас и нив е во тоа што постапките на Движење Беса имаат за цел да обезбедат подобра иднина за државата и граѓаните, а постапките на партиите ДУИ и АА ги имаат за цел само нивните партиски интереси и на кланот“, посочи Фадиљ Зендели.
ВМРО-ДПМНЕ денеска го објави и вториот дел кандидати за градоначалници, а за Град Скопје се уште калкулираат. Велат дека прават дополнителна анкета за да видат како стојат кандидатите, а се надеваат дека до крајот на месецот или почетокот на месец септември ќе имаат име за кандидат.