Планот на Владата да се избере фирма без тендер и да ѝ се даде бизнис вреден стотици милиони евра за изгрдба на автопатишта, е успешна пракса во европските земји, уверува министерот за транспорт Благој Бочварски. Но, тој не одговори од каде ќе се најдат пари за новите патни правци во западниот и централниот дел од земјава.
„Овој модел не е непознат во другите земји, се работи на ваков модел и е многу побрз, поефикасен. Ние немаме време за чекање, државата граѓаните. Паралелно со тоа, паневроспските коридори осум и десет се многу важни и ако ние не ги изградиме на модерна и квалитена инфраструктура, верувајте дека ќе не заобиколат преку другите земји“, рече Благој Бочварски министер за транспорт и врски.
– Advertisement –
Откако американската компанија Бехтел – Енка, која и понуди на Владата да гради патна инфраструктура во Македонија, ќе ја изработи физибилити студијата, финансиската конструкција на проектите и добие зелено светло од Илинденска број 2, следен чекор ќе биде пратениците да усвојат Закон со кој фирмата го добива бизнисот. Засега, партиите за ова се или се одмерени во ставовите или пак гледаат со доза на сомнителност. Алијанса за Албанците и Алтернатива велат дека нема да гласаат ЗА, бидејќи сметаат дека е нетранспарентен изборот на компанијата.
„Тие не беа во состојба да инвестираат два километри автопат Скопје – Блаце, а не да зборуваме за инвестиција од милијарди. Ова е тенденција за класична злоупотреба, но мислам дека ова нема да помине во Собрание“, рече Скендер Реџепи, коалиција Алијанса – Алетрнатива.
Од ВМРО ДПМНЕ велат дека прво ќе почекаат да го видат проектот, начинот на финансирање па потоа ќе одлучат како ќе гласаат.
„Во принцип ВМРО ДПМНЕ ја поддржува секоја капитални градби, затоа што оваа влада покажа дека капиталните инвестиции и се најслаба страна и реализацијата на тие капитални инвестиции“, рече Никола Мицески ВМРО-ДПМНЕ.
Алсат се обиде да добие ставови од четирите најголеми политички субјекти во Македонија, но координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми не одговори на нашите телефонски и СМС повици. Костадин Костадинов од СДСМ само кретко ни одговори дека како пратеници прво треба да го видат Законот, па да коментираат. Инаку, премиерот Зоран Заев ги повика невладините и опозицијата будно да го следат целиот процес, бидејќи тврди дека не само што ваквиот начин на избор на компанија е поефикасен туку вели и поевтин.
Но, експертите од областа на јавните набавки за Алсат посочија дека на речиси идентичен начин се избра и компанијата Синохидро за изградба на автопатот Кичево – Охрид за кој сега се води судска постапка каде обвинети за злоупотреба на службената положба се Никола Груевски, Владимир Пешевски, Миле Јанакиевски.
Според првичниот договор, американската компанија Бехтел – Енка ќе гради автопатишта решенија на потегот Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан, но и од Прилеп до Битола.
Иле Петревски