Македонско лекарско друштво доделило плакети и благодарници на лекари во првите борбени редови против ковид-19. Не би било ништо спорно доколку во листата беа застапени и најпосветените доктори во таа борба, а сите кои поминале на инфективното одделение секако знаат кои се тие, реагира на Фејсбук генералниот секретар на владата, Мухамед Зекири.

„Со сета почит кон сите што добиле признанија, но СРАМОТА е за ова лекарско друштво што меѓу имињата на доктори го нема доктор Илир Демири, еден од најпосветените во борбата против ковид-19 од самиот почеток на пандемијата, па сѐ до денес и кој дури и на штаки секој ден е со пациентите!

Кој лежел на инфективна како што лежев и јас со мојата фамилија, точно знае за што зборувам и сигурно ја дели мојата вознемиреност поради овој СРАМ на Македонското лекарско друштво!

Меѓу запоставените има и многу други 100% посветени доктори кои исто така ги нема на листата. Не сакам да верувам дека тоа е поради нивната етничка припадност или некаква си друга определба.

П.С Во меѓувреме разбрав дека меѓу тие што добиле пофалници се наоѓаат и две докторки кој ниту еднаш не влегле и немале контакт со заболени од ковид-19 и еден доктор кој на почеток од пандемијата осум недели избегал на боледување. СРАМОТА“, пишува Зекири.

На статусот на Зекири реагираат многу поранешни пациенти на докторот, кому сите му се обраќаат по име, како на некој близок – д-р Илир.

Не го познавам Илир, ама не сретнав човек, меѓу кои и брат ми, да не го благословува. Не сретнав човек да не го пофали, не сретнав човек кој завршил на Инфективна, а да не му се заблагодарува. Неговата плакета му е од бога дадена. Да рангираш заслужни за ваква борба кога сите доктори се распаѓаат од премор не знам колку треба да не си при себе. Споменик им се прави на докторите, не им се дава плакета. И да, млад доктор остави фамиилија, му пукна срето трчајќи да спасува пациенти. Д-р Трајче Нешковски ако го заборавиле, џабе им се сите плакети на светов, пишува Нора Шаќири.

За големината на д-р Илир пишува и заменикот генерален секретар на Собранието, Бојан Василевски.

ЗА ДОКТОР ИЛИР: Татко ми 12 дена беше хоспитализиран на инфективна во Скопје во февруари. За жал не успеа да се избори со „чумава“. Во неговите последни денови кога уште можеше да зборува, кога го прашав за тоа дали го гледаат посетуваат докторите,персоналот,ми рече „ГОСПОД ЗДРАВЈЕ ДА ИМ ДАДЕ НА СИТЕ ОД БОЛНИЧАР ДО ДОКТОРИ,ЛЕТААТ КОГА И ДА НИ ПОТРЕБААТ“. Кобниот 18.02 утрото, откако ми јавија дека починал, за некои половина час ми звони непознат број. „Добар ден“ – „Добар ден“. „Дали е тоа синот на Блаже?“„Да повелете! (колку што можев во тие моменти да бидам концентриран и да обрнам внимание на непознатиот). „ Овде е доктор Илир од Инфективна. Жалам, навистина жалам но не успеавме да го спасиме Блаже.Ептен се зближивме. Ми вети дека кога ќе излезе од болница ќе ме учи џудо.За жал нема да биде тоа.Биди јак…“ Целиот збунет,од повик на човек кој нит го знам,нит претходно сум контактирал со него…Ми кажува што е процедурата сега што како треба. Ме праша за БУТЕЛ имаме немаме место.Му реков немам ништо сега ќе одам да организирам се. Кратко ми рече „Ќе те побараат за кратко од таму ќе им дадам твој број, барем толку можам да помогнам“. За 5 минути буквално ми се јави еден дечко од БУТЕЛ…Вечерта кога се прибрав дома за да се спремаме за испраќањето на татко ми, што скршен од денот што исцпрен од прележаниот ковид, ми звони повторно бројот – „Д-р Илир овде.Само да прашам како си дали заврши се работа денес?“Едно прашање колку планина големо за човек што изгубил родител тој ден… Не сум стигнал сеуште да го запознаам докторот лично и да му се заблагодарам за се. За мене тој ја има добиено плакетата на вечноста, пишува Василевски.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.