Битола треба да биде не само еден од најголемите индустриски, економски, политички, културни и спортски центри, туку и современ образовен центар, почнувајќи од предучилишното, основното, средното до високото образование, рече кандидатот за градоначалник на општина Битола, Тони Коњановски на вечерашниот митинг.
– Во овој дел предвидуваме и изградба на ново основно училиште во Битола, овој проект опфаќа – планирање, проектирање и започнување со изградба на основно училиште во Битола, во населбата Буковски ливади, која брои над 4000 жители. Тоа значи вистинска грижа и обезбедување квалитетно образование за најмладите, со современи услови за одвивање на вкупниот воспитно – образовен процес, вели Коњановски.
Тој додава „мојата заложба е спорт за сите во општина Битола, преку изградба и реконструкција на спортски сали, поддршка на локалните спортски клубови и подобрување на училишниот спорт, врвен спорт и спорт за лица со попреченост“.
Ветувајќи изградба на мултифункционален спортски комплекс, Коњановски, рече дека Битола ќе стане велоград – зелен град со изградба на примарни велосипедски патеки и премини низ целиот град, рекреативни велосипедски патеки, како и уредување на пешачките и велосипедските патеки на улиците во комплексот Касарна.
– Борбата за Битола, е и борба за почист град. Место да зборуваме колку е нечист градот преку социјалните медиуми, да се зафатиме со решавање на отпадот по нашите улици, да ги подобриме и модернизираме комуналните услуги. Чекор напред кон почист и поубав град се повеќе зелени површини и паркови. Ќе изградиме нов парк. Современиот парк со авантуристички содржини има и еколошка, но и функционална намена: ќе претставува нов рекреативен простор и место за одмор и уживање на битолчани, но и значајно ќе придонесе во обезбедувањето здрава животна средина, вели Коњановски.
Според него Битола со Пелистер, со своите културно – историски знаменитости, но и со збогатување на понудата мора да прерасне во препознатлива точка на туристичката мапа во државата, на Балканот, во Европа, па и во светот.
– Целта е зголемување на учеството на туризмот во локалниот буџет, како и зголемување на бројот на вработени во секторот туризам, со што би се намалила невработеноста и би се зголемил животниот стандард на битолчани. Нашата Битола е стар цивилизациски и културен центар. Битола е крстопат каде се спојувале ориентот и западот, се создавала уникатната мода преку спојувањето на ала турка и ала франга традициите, град каде погледите зајдуваат, град со илјадници приказни – град кој мора да воскресне, кажа Коњановски.