Некогаш ова место беше полно со дрва, но сега останаа само трупци.
По протестот на жителите на Јаболчиште околу неконтролираната сеча на шума, го контактиравме и градоначалникот на Чашка. Горан Стојановски вели дека според информациите на општината, станува збор за дел кој е сопственост на црквата, која пак им дозволува на приватните фирми да вршат сеча.
Според Стојановски, во изминатиот период, во тој дел биле исечени големи количини шума.
Од Јавното претпријатие „Национални шуми“, за ТВ21 рекоа дека уште утре ќе преземат мерки за сечење на дрва, порачувајќи дека сторителите мора да бидат казнети.
„Во најскоро време (уште утре) ќе се координираме со другите институции и ќе испратиме екипи на теренот кои ќе постапат кон сеопфатно решавање. Верувам дека заштитата треба да се потпира на превенција и во таа насока се поставени нашите приоритети, но во околности каде штетата е веќе причинета, казни за сторителите мора да има“, посочија од ЈП „Национални шуми“ .
Од претпријатието велат дека проблемот кој се случува во овој дел од територијата на о.Чашка трае веќе подолг период.