На 1. јануари, 1877 година, британската кралица Викторија Прва била прогласена за кралица на Индија. Но, која била Викторија Прва и што сè таа направила за Британија да стане вистинска, огромна империја.
Кралицата Викторија, прабабата на кралицата Елизабета Втора, била една од најважните жени во 19 век, а и денес се памети како симбол на Велика Британија, која во времето на Викторија, била на работ да доминира во светот. Владеела со Велика Британија од 1837 до 1901 година, вкупно 63 години: рекорд што го победи Елизабета Втора.
Била родена во 1819 година како Александрина Викторија, а пораснала во палатата Кенсингтон, каде се школувала на исклучително крут и строг начин: никогаш не останала сама и морала да ја дели својата соба со нејзината мајка, германската принцеза Виторија Марија Луиза.
Нејзиниот татко, Едвард, четвртиот син на кралот Џорџ Трети, починал кога Викторија имала само осум месеци. Уште од самиот почеток, Виторија била предодредена за круната бидејќи никој од нејзините братучеди не успеал да го преживее детството.
Ѝ било забрането да се дружи со други деца и постојано била опкружена со возрасни кои внимавале на неа. Не ѝ било дозволено дури ни да оди по скали сама, секогаш морало некој да ја држи за рака. Таквиот систем на строго воспитување подоцна бил наречен „кенсингтонски систем“.
Крунисувањето на кралицата Викторија се случило во 1837 година, само неколку дена по нејзиниот осумнаесетти роденден: тој ден таа носела фустан од бел сатен и црвено кадифе. Церемонијата траела многу долго, цели пет часа, а народот ја прославувал новата кралица на Англија. На самиот настан се случила и една непријатност, имено, Архиепископот од Кантербери ѝ го ставил прстенот на нејзиниот погрешен прст, и му требало околу еден час за да го отстрани. Истиот ден Викторија се преселила во Бакингемската палата, каде што конечно престанува да ја дели собата со нејзината мајка – така започнува Викторијанската ера.
Викторија е првата британска владетелка која почнала да живее во Бакингемската палата. Во нејзиното време пак, британското кралство ги вклучувало и Австралија, Нов Зеланд, Канада, Јужна Африка, Индија и островите Јамајка и Барбадос.
Две години по крунисувањето, во 1839., кралицата Викторија го запознала својот иден сопруг Алберт, германски принц и прв братучед на кралицата. Бидејќи Викторија владеела со државата, токму таа, според тогшните правила, морала да ја побара раката на принцот. Принцот Алберт веднаш ѝ се допаднал, па со благослов на чичкото Леополд, кој бил крал на Белгија, го запросила на 15 октомври 1839 година. .
Венчавката се случила во 1840 година, а Виторија носела незаборавен бел фустан со тантела, со намера од својот свадбен фустан да даде пример на сите следни невести. Всушност, традицијата на носење на бел фустан на свадба се родила токму од кралицата Викторија и од нејзината венчавка. До овој важен настан, венчаниците биле во најразлични бои.
На белата чипкаста венчаница на Викторија биле извезени портокалови цветови кои биле симбол на плодност. Носела бели чевли, дијамантни обетки и сафирен брош. Исто така, таа им забранила на гостите на свадбата да носат бело, а после церемонијата го уништила примерокот кој бил употребен за да се направи нејзиниот фустан, за никој да не ја копира. .
Викторија и Алберт биле во брак 21 година, до неговата смрт, во 1861 година. Нивната врска била страсна и искрена.
Имало 3 обиди за атентат врз кралицата Викторија, но ниту еден не успеал! Во 1840 година Едвард од Оксфорд испукал два истрела од пиштол кон бремената кралица за време на прошетката со нејзиниот сопруг, но ниту еден од нив не ја погодил целта. Во 1842 година Џон Франсис го вперил пиштолот кон неа додека била во кочија, но пиштолот, за среќа, не испукал куршум. Неколку дена подоцна Џон Вилијам Бин се обидел да ја застрела Викторија, повторно неуспешно. По овие обиди, бил донесен закон кој предвидувал 7 години затвор за секој што ќе се обиде да ја исплаши кралицата.
За време на долгото владеење на кралицата Викторија се случиле епохални промени во културните, индустриските и научните сфери. Додека таа владеела, Велика Британија станала една од најголемите сили во светот. Направила огромна колонијална империја која се ширела, половина од граѓаните работеле во индустријата, а железничката мрежа станала најразвиена во светот. Направила половина од железото во светот и две третини од јагленот во светот да се произведуваат во Велика Британија. Од населението направила најписмени луѓе во светот, и развила најдобра и најголема трговија во светот. И не само тоа, политичките институции на британскиот систем станале едни од најнапредните во светот.
На кралицата Викторија ѝ се припишува и заслугата за укинување на „врски“ при назначување на државни функционери. Со реформите кои ги вовела јавната функција станала достапна преку конкурси, односно во тоа време – натпревари фокусирани на заслуги. Синдикатите станале легални,а била укината можноста за купување високи функции во британската армија
Во 1872 година гласањето станало тајно, токму ова им дало слобода на оние што гласаат да го изразат својот избор без да се оправдуваат.
Под раководство на кралицата Викторија, Велика Британија применувала агресивна колонијална политика, особено во британските поседи во Индија. На 1. јануари, 1877 година, кралицата Викторија била прогласена за царица на Индија. Оваа титула била повеќе симболична, зашто индиските поседи веќе биле формално дел од британската империја од 1857 година. Сепак, самата кралица се сметала себе за носителка на цивилизацијата и за спасителка на домородните народи кои се ослободиле од доминацијата на суровите сили.
Викторија ќе остане запаметена и по тоа што не ги сакала политичарите, па често влегувала во конфликт со нив дури и со оние, како премиерот, со кого морала да соработува. Единствен кој ѝ се допаѓал бил лордот Мелбурн, со кој била многу блиска па оттука произлегле гласините дека му е љубовница.
Алберт, нејзиниот сопруг, починал на само 42 годишна возраст, а оваа смрт толку ја погодила кралицата што се повлекла од јавноста и почнала да ги занемарува своите кралски должности. Овој период на депресија ѝ траел цели девет години, популарноста меѓу народот сосема ѝ паднала. Но, повторно се исправила и ги презела работите во свои раце. Сепак, до крајот на својот живот, а тоа значи во следните 40 години, од тага по саканиот сопруг, носела црнина. До крајот на животот покрај креветот стоела неговата фотографија.
Викторија и Алберт имале девет деца. Голем дел од нивните потомци се венчале со припадници на други кралски семејства од Европа, за да ја зацврстат британската империја. Нејзините 42 внуци може да се најдат во кралските лози во Германија, Русија, Грчка, Шведска, Норвешка, Романија и Шпанија. Затоа била наречена баба на Европа.
Болеста хемофилија, од која боледувала и Викторија, денес е позната и како кралска болест. Хемофилијата главно е наследна, па и нејзините потомци имале проблеми со оваа болест. Синот Леополд починал од хемофилија, односно од загуба на поголема количина крв само поради тоа што паднал и се повредил, внукот Фридрик искрварел до смрт кога имал само две години, а внуците Леополд и Морис починале многу млади од последици на болеста.